Од срце за животот- Изложба посветена на надежта и убавината на дoнирањето

Уметност која инспирира промени: Доделени наградите за најдобри дела на тема трансплантација и органодарување

Професионалните дизајнери, Ана Тасева, Гоце Велески и Воскресија Андреевска и средношколците Амра Седиковиќ, Давид Манасијевиќ и Адријана Мирчевка, се шесте автори, креативци кои ги понесоа наградите за најдобри решенија на Повиците за визуелни дела за дизјанери и за средношколци – на тема: трансплантација и органодонорство. Ним, вчеравечер, во Ист Гејт, во Зелената оаза, им беа доделени наградите за креативниот влог кој допрва има за цел да поттикнува отворено размислување и разговор за значењето на органодонорството.

Фото: Tомислав Георгиев

Од над 120 дела пристигнати на конкурсот, 20-те внимателно избрани уметнички дела нудат единствена перспектива на приказната за органодонорство и трансплантација, истражувајќи ги темите на надежта, издржливоста и убавината на давањето. Сите дела се извонреден приказ на креативност и сочувство кое го слави длабокото влијание на донирањето органи и трансплантацијата. Со дела од искусни дизајнери и од ветувачки таленти, оваа изложба е доказ за моќта на уметноста да инспирира промени.

Изложба е повеќе од само уметнички потфат – таа е витален дел од определеноста на општеството да го поддржи системот за трансплантација во Република Северна Македонија.

Фото: Tомислав Георгиев

Изложбата ја  отвори и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир

„Да се дарува орган е најблагородните чин. Донирајќи орган, вие донирате живот некому. Би сакал да се заблагодарам на сите кои земаа учество на овој конкурс. Гледам дека имате огромен талент. Овој настан е дел од поддршката на ЕУ на Системот за трансплантацијана и донација во Република Северна Македонија. Би сакал да ја искажам мојата благодараност за огромната работа која ја прави Националниот коориднатор за трансплантација др Маја Мојсова Мијовска и нејзиониот тим. Горди сме на поддршката која ја даваме за да оваа држава има првокласен систем за трансплантација и за донирање органи. Ќе продолжиме да работиме со сите засегнати страни се со цел да бидеме сигурни дека и во иднина трансплантацијата ќе биде на највисоко ниво за сите граѓани. На крјот би сакал да ве замолам сите вас да ја пренесете оваа порака на вашите најблиски на вашите семејства, колеги на работа. Пораката за придобивките кои ги носи донирањето на органи. Можеме заеднички да спасиме животи“-изјави Гир.

Фото: Tомислав Георгиев

За најдобрите решенија и за делата кои беа дел од изложбата, одлучуваше петчлено жири кое го сочинуваа, Дита Старова Ќерими-ликовен уметник, Зоран Кардула- дизајнер, Томислав Георгиев- фотограф, Маја Мојсова Мијовска- Национален координатор за трансплантација, Радмила Живановиќ-психолог.

Во своето образложение жирито вели дека пристигнатите дела, манифестираат голема посветеност на авторите, без разлика на нивната возраст и професионален бекграунд.

Фото: Toмислав Георгиев

„Извонреден приказ на креативност и сочувство што го слави длабокото влијание на донирањето органи и трансплантацијата. Со дела од искусни дизајнери и од ветувачки таленти, оваа изложба е доказ за моќта на уметноста да инспирира промени. Од над 120 дела пристигнати на конкурсот, 15 внимателно избрани уметнички дела нудат единствена перспектива на приказната за органодонорство и трансплантација, истражувајќи ги темите на надежта, издржливоста и убавината на давањето. Авторите креирале дела полни со надеж и со асоцијации за поинаква, посветла иднина. Во едно брзо време на живеење, навистина дале значаен придонес во комуникацијата на една ваква осетлива тема“, стои во описот за изложбените дела на авторите.

Идејно решение на Воскресија Андреевска

– Одлуките што се носат навистина не се лесни, но, треба да бидеме информирани. Донорите, семејствата на донорите, со своите одлуки, носат една нова надеж, поинаква човечка димензија на дарувањето. Тоа е начинот да покажеме и една друга перспектива, наспрема свртеноста кон себе и индивидуализираноста. Сакаме и на младите да им ја пренесеме пораката дека не постојат табу-теми и теми за кои се плашиме да зборуваме. Неопходен ни е разговор дури и на тие теми и притоа мора да градиме ставови. Некогаш животот нè носи во ситуации кога ни е потребно да се донесат важни одлуки. Органодарувањето е една од тие одлуки, вели д-р Мaja Moјсова Мијовска, Национален коориднатор за трансплантација.

идејно решение: Гоце Велески

Според Адријана Георгиев, од Министерството за здравство, трансплантацијата е медицински процес, но истовремено е и еден општествен процес што отвора важни прашања како што се хуманост, емпатија и љубов.

– Кога зборуваме за трансплантацијата неминовно зборуваме и за органодонорство. Зборуваме за хуманост, за љубов, за грижа, за одлуки кои менуваат нечиј живот. Живот  за жал не може да се купи, ама ете, може да се подари. И тоа е таа убава страна на трансплантацијата до која ние секогаш се држиме. Како што вели слоганот на едно од победничките решенија: моќта да се промени крајот на нечија приказна и да се најде утеха за сопствената болка во тоа дека дел од нивните блиски продолжува на некој начин да живее.  Тоа ново пулсирање на животот, помислата дека некој некаде живее подобро, за миг, носи утеха и некакво спокојство. Тоа е врвен знак на хуманост, емпатија, на љубов. Грижа за другиот, кое само по себе е и значењето на животот – сподели Георгиев.

Ана Тасева е дизајнерката која ја понесе наградата за најдобар постер.
– Пред се чест и задоволство ми беше да работам на овој проект и среќна сум што ја добивам оваа награда. Инаку самата инспирација дојде преку цел еден процес на истражување . За мене беше прв пат да работам на оваа тема. Целта беше да се постигне една доза на надеж, минималистички а во слоганот така да се даде повеќе значење- изјави Ана Тасева.
Првата награда кај средношколците ја понесе Амра Седиковиќ, за која ова признание значи многу.

идејно решение: Aна Тасева

Ова е нешто многу важно. Инспирацијата ми беше трудот и жртвата која ја даваат медицинските лица и сакав да покажам со моите дела дека секој учествува во ова. секој еден дава нешто и има шанса да донесе нешто добро на овој свет-изјави Амра Садиковиќ.


идејно решение: Амра Садиковиќ

Изложбата беше реализирана во партнерство со Ист Гејт и „Нептун Македонија“.

Настанот е дел од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од Европската унија, во кој краен корисник е Министерството за здравство.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни