Ликовната уметничка Кристина Зимбакова од 12 до 19 јануари учествуваше на групна изложба со свое предавање во рамките на 20. Меѓународен симпозиум за габи и текстил во Лас Палмас, на островот Гран Канарија во северозападна Африка.
Настанот беше организиран од Меѓународниот институт за бои од габи од САД, што доделува две престижни стипендии за учество, од кои едната ја доби Зимбакова, а на симпозиумот се претставија 92 учесници од 19 земји.
На изложбата таа учествуваше со три дела на хартија од габи во комбинирана техника.
Зимбакова соопшти дека на 14 јануари одржа и предавање за својата уметност, насловено „Габите во дела од современото сликарство “, со акцент на процесот за изработка на хартија од габи, како и нејзиниот карактеристичен мозаик од габи. Таа додаде дека нејзиното беше едно од трите главни предавања на овој интердисциплинарен светски собир што се одржува на секои три години, а каде земаат учество уметници, инженери и научници чија преокупација се боите за текстил и хартијата добиени од габи. Настанот се состоеше и од изложба, работилници, како и истражувачки терени за габи во суптропски шуми со ендемични видови дрвја во различни делови од островот Гран Канарија.
Во творештвото на Кристина Зимбакова се спојуваат сликарството, природните науки и поезијата, а габите и лишаите се најзастапен медиум. Нив авторката ги собира по планините низ Македонија, а добива и ретки и впечатливи примероци од биолози од други континенти. Досега имала 11 самостојни изложби во Македонија, Ирска, Грција и Бугарија, а учествувала на бројни групни изложби низ Европа и САД.