Уметнички израз или провокација: Југословенски знамиња осамнаа во центарот на овој италијански град

На прозорците на зградата во Корсо Верди, во центарот на Горица, неодамна се појавија југословенски знамиња со црвена петокрака.

Југословенски знамиња беа закачени за викендот на прозорците на првиот кат од зградата што се наоѓа веднаш до градскиот парк во италијанскиот град Горица.

Радио Каподистрија, објави дека авторите на иницијативата првично биле непознати и дека самиот чин предизвикал бројни негативни реакции од граѓаните и брза осуда на градските власти.

Градската администрација остро го осуди настанот, нарекувајќи го „беден гест“ и обвинувајќи ги непознатите сторители за величење на еден од историските тоталитаризми.

„Кои и да се провокаторите, тие се разоткрија“, соопшти градската администрација.

Иако на почетокот не се знаеше кој стои зад акцијата, 24 часа подоцна беше откриено дека станува збор за иницијатива на здружението за промоција на општествени активности „Агоре“, кое работи токму во таа зграда и организира изложби и настани.

„Одлучивме да ги поставиме знамињата по повод затворањето на нашата последна изложба“, изјавија тие за дневниот весник Ил Пиколо.

„Истакнувањето на знамињата е далеку од некаква прослава на тој историски период. Станува збор за филолошка реконструкција, односно уметнички чин“, велат тие.

Но сепак ваквото објаснување не го запре бранот контроверзии, особено во контекст на чувствителната политичка клима во Горица, град кој последните месецми е во фокусот на медиумите не само поради титулата Европска престолнина на културата (GO!2025), туку и поради низа контроверзии.

Меѓу нив се одбивањето да се одземе почесното државјанство на Мусолини, дискусиите за натписот „Тито“ на ридот Саботино, како и прославите поврзани со фашистичката формација X MAS.

Провокација или?

Во овој контекст, голем број на граѓани изложувањето на знамињата го дожевеаја како наивна и неискрена провокација.

„Можеби би можело да се каже дека се корисни идиоти, но не, тие едноставно се идиоти“, напиша Лига Национале од Горица на социјалните мрежи.

Масимилијано Лакота, претседателот на Сојузот на Истријци, беше уште поостар, кој го обвини градоначалникот Родолфо Зиберна, кој веќе беше критикуван за церемонијата на X MAS и неговиот став кон Мусолини како почесен граѓанин.

„Не треба да се изненадите. Ако го величате Милојко и ги оправдувате словенските партизани, нормално е да се појавуваат југословенски знамиња. Морален виновник за сето ова е градоначалникот на Зиберна, никој друг. Токму овој став е навистина мизерен“, рече Лакота.

Горица и Нова Горица – еден град, две земји

Горица е град на крајниот североисток од Италија, веднаш до границата со Словенија.

Историски гледано, градот бил една целина, но по Втората светска војна бил поделен – источниот дел ѝ припаѓал на поранешна Југославија, а денес е словенечката Нова Горица, додека западниот дел останал во Италија како Горица или Гориција.

Денес, тие два града, иако разделени со државна граница, сè повеќе функционираат како една прекугранична заедница – особено затоа што Италија и Словенија се исто така членки на Шенген зоната.

Токму поради оваа поврзаност и сложена историја, симболиката на југословенските обележја во Горица предизвикува посебна политичка и емоционална тежина.

Во 2025 година, Горица и Нова Горица заеднички ја носат титулата Европска престолнина на културата, што дополнително го става фокусот на нивниот заеднички идентитет – но и на историските тензии што сè уште тлеат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни