Неодамна, Македонскиот Народен Театар стана дел од најпрестижната театарска мрежа – Европската театарска конвенција (ETC), која обединува 63 театри од 31 земја.
,,Со ова членство се приклучивме кон семејството на најголемите и највлијателни театри во Европа, со отворени врати за копродукции, размена на претстави, резиденции на уметници и нови европски проекти” велат од МНТ.
Првиот резултат од оваа соработка е уметничка резиденција на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис, кој ќе престојува во Скопје се до 15 ноември.
Денеска тој имаше продуктивен состанок со директорот на МНТ, Никола Кимовски, а имаше можност да се запознаее и со дел од актерскиот тим на театарот.
Во периодот што следува, Емануел ќе ги погледне репертоарските претстави на МНТ, а кон крајот на резиденцијата ќе одржи и отворени работилници за сите заинтересирани – актери, режисери, кореографи, музичари, сценографи и љубители на театарската уметност. Без ограничувања, само со желба за учење и заедничко креирање!
Кој е Емануел Константинидис?
Тој е едно од најсвежите имиња на грчката театарска сцена. Наобразуван во престижните школи „Жак Лекок“ и „Кур Флоран“ во Париз.
Работел на претстави во Франција и Грција, со настапи и режии во Париз, Атина и на Атинскиот епидаурски фестивал.
Неговите претстави „Атлас“, „Албатрос“, „Сакам да си одам дома“, „Креата“ и „Феноменон“ се издвојуваат по експериментален пристап и моќна уметничка визија.
За себе вели:
„Театарот е колаборативен чин на создавање. Секој проект е патување и размена на идеи. Искрено се радувам на соработката со МНТ, бидејќи верувам дека ќе донесе нови перспективи и инспирација.“
Со оваа резиденција, МНТ отвора ново поглавје во европската приказна на соработки и размени.
ETC е водечка мрежа на јавно финансирани театри во Европа, посветена на современата драма, уметничките размени и промовирањето на културната разновидност. Таа служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција на театрите со публиката.