Уметничка инсталација во центарот на Скопје предупредува – „Говорот на омраза повредува“

На малиот сквер кај Ким во Порта Буњаковец денеска беше поставена уметничка инсталација инспирирана од симболиката на отровните стрели, со цел да се подигне јавната свест за опасностите од говорот на омраза.

Инсталацијата, дело на Центарот за современи уметности (@cacskopje), го прикажува говорот на омраза како невидливо, но моќно оружје што може длабоко да повреди.

Во центарот на композицијата се наоѓа човечко лице со широко отворена уста, од која излегуваат „отровни“ стрели – симболична претстава на навредливите и омаловажувачки зборови што честопати се користат во јавниот и дигиталниот простор. Скулптурата, со димензии 1,4 на 1,2 метри, е изработена од рециклирани метални материјали и привлекува внимание со својата моќна визуелна порака.

На подножјето на делото е истакната јасна порака: „Говорот на омраза повредува“. Од Центарот велат дека целта на инсталацијата е да ги потсети граѓаните на последиците од нивните зборови, особено во време кога дигиталната комуникација го олеснува ширењето на омраза.

„Оваа уметничка интервенција има за цел да поттикне општествена одговорност, емпатија и почит кон другите“, нагласуваат од Центарот за современи уметности.

Инсталацијата е дел од проектот „Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда“, што го реализира Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни