Демонстранти упаднаа во дворот на претседателската палата, полицијата испука солзавец и водени топови. Бруталните судири во Грузија продолжуваат.
На изборите учествуваа 12 партии, додека осум опозициски ги бојкотираа, вклучувајќи ја и најголемата – Обединет национален покрет (UNM)
Демонстрантите пробија железни бариери поставени пред претседателската резиденција, ги запалија и влегоа во дворот, а интервентната полиција ги потисна
Партијата „Грузиски сон“ победи на локалните избори во Грузија, кои се одржаа во услови на масовен бојкот од осум опозициски партии. Наскоро избувнаа протести, кои ескалираа со обид на демонстрантите да влезат во претседателската палата со цел „да ја спасат демократијата“. Дојде до жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите, а властите ги обвинија некои опозициски политичари дека се обидуваат да организираат државен удар.
Гласањето во саботата беше прв тест за владејачката популистичка партија по контроверзните парламентарни избори минатата година, кои ја втурнаа Грузија во турбулентен период и го натераа Брисел практично да ја замрзне кандидатурата за членство во Европската Унија – сѐ додека грузиската влада не го промени својот авторитарен курс
Премиерот на Грузија, Иракли Кобахидзе, изјави дека демонстрантите кои се обиделе насилно да влезат во претседателската палата сакале да ја урнат владата. Тој ја обвини Европската Унија за мешање во внатрешните работи на Грузија и рече дека е спречен „обид за пуч што бил планиран од странски разузнавачки служби“, притоа обвинувајќи функционери од ЕУ дека го поддржуваат „обидот за уривање на уставниот поредок“.
Тој го повика амбасадорот на ЕУ, Павел Херчински, да ги осуди немирите, истакнувајќи дека и тој сноси одговорност.
На локалните избори одржани во сабота, владејачката партија „Грузиски сон“ победи во сите 64 општини, според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК) по обработката на 100% од гласачките ливчиња. Партијата освои 81,6% од гласовите на национално ниво, а нејзините кандидати за градоначалници победија во сите градови.
Каха Каладзе, поранешен фудбалер, по трет пат беше избран за градоначалник на Тбилиси со 71,58% од гласовите.
Гласањето, со кое беа избрани 2.058 членови на 64 општински совети и 64 градоначалници, се одвиваше под делумен бојкот од опозицијата, бидејќи неколку главни ривалски партии одлучија да не учествуваат на изборите. Вкупно учествуваа 12 партии, додека осум опозициски партии ги бојкотираа изборите, вклучувајќи ја и најголемата – Обединетиот национален покрет (UNM), основан од поранешниот претседател Михаил Сакашвили.
Премиерот Иракли Кобахидзе изјави дека владејачката партија добила над 1,1 милион гласови низ целата земја, што, според него, е „практично повторување на резултатот од минатогодишните парламентарни избори“. Тој додаде дека резултатите се „импресивни“, а во Тбилиси дури и „рекордни“.
Планот Обединетиот национален покрет да биде заменет со партијата Лело (центристичка, проевропска) и со Гахарија (партија на поранешниот премиер и поранешен член на Грузиски сон) не успеа – изјави Кобахидзе, пренесува порталот Civil.ge.
Опозицискиот собир во Тбилиси започна во сабота навечер, на денот на локалните избори. Околу 7.000 демонстранти, според проценките на Кобахидзе, се собраа на Плоштадот на слободата, развејувајќи грузиски и знамиња на ЕУ. Дел од нив се упатија кон резиденцијата на претседателот Михаил Кавелашвили.
Тука сме за да ја заштитиме нашата демократија, која Грузиски сон ја уништува – изјави 77-годишната учесничка на протестот, Натела Гвахарија, за AFP.
Демонстрантите ги пробија металните бариери поставени пред претседателската резиденција, ги запалија и влегоа во дворот. Интервентната полиција ги потисна користејќи солзавец, бибер спреј и водени топови, пренесува „The Moscow Times“.
Според „OC-Media.org“, неуспешниот обид за упад во зградата предизвикал конфузија меѓу демонстрантите, а многумина изразиле фрустрација кон организаторите поради тоа што не им бил претставен јасен план. Организаторите подоцна се обиделе да го смират незадоволството, држејќи неколку говори.
Не постои револуција која трае два или три часа. Тоа е процес што бара денови борба и конфликти. Револуцијата ќе победи – изјави членот на UNM, Муртаз Зоделава.
Проевропската опозиција во Грузија организира протести од октомври минатата година, кога „Грузиски сон“ победи на парламентарните избори, за кои критичарите тврдат дека биле нерегуларни. Демонстрантите бараат ослободување на политичките затвореници и распишување вонредни парламентарни избори.
„Мирна револуција“
Додека властите пред протестите ветија остар одговор на „револуцијата“, опозицијата тврди дека станува збор за „мирна револуција“ која била најавена за денот на локалните избори.
Кобахидзе изјави во неделата дека демонстрантите кои се обиделе насилно да упаднат во претседателската палата имале за цел да ја урнат владата, и ја обвини Европската Унија за мешање во грузиската политика. Тој додаде дека владата спречила „обид за државен удар организиран од странски разузнавачки служби“, обвинувајќи функционери на ЕУ дека го поддржуваат „обидот за рушење на уставниот поредок“, и побара од амбасадорот на ЕУ, Павел Херчински, јавно да ги осуди немирите, наведувајќи дека и тој сноси одговорност.
Никој нема да ја избегне одговорноста. Тоа вклучува и политичка одговорност – изјави Кобахидзе.
Се огласи и Саломе Зурабишвили, која по истекот на својот претседателски мандат на крајот од декември 2024 ја напушти претседателската палата, но се прогласи за единствениот легитимен претставник на власта во Грузија.
Оваа фарса од заземање на претседателската палата може да ја инсценира само режимот, со цел да се дискредитираат 310 дена мирни протести на грузискиот народ. Како легитимна претседателка, ова официјално го отфрлам и останувам со мојот народ – мирно – сѐ додека не добиеме нови избори – напиша таа на „X“.
Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека се уапсени пет члена на опозициски партии под обвинение за повик на пуч и уривање на владата. За овие кривични дела, според соопштението, им се заканува казна до девет години затвор.
Обвинети се за повикување на рушење на државната власт, како и за организирање и учество во групно насилство – се наведува во соопштението.
Проевропска vs проруски ориентирана партија
Групите за човекови права посочуваат дека околу 60 лица – меѓу кои клучни опозициски фигури, новинари и активисти – биле уапсени во изминатата година. Поранешниот претседател Михаил Сакашвили, кој е во затвор, ги повика своите поддржувачи да протестираат на денот на изборите, нарекувајќи го тоа „последна шанса за спас на грузиската демократија“.
Сакашвили е почесен претседател на UNM, но се смета за де факто лидер на оваа либерално-конзервативна партија.
Кобахидзе во неделата изјави дека „ќе биде направено сѐ за конечно да се неутрализира антидржавната политичка сила наречена колективен UNM“.
Имаме законска одговорност кон над 1,1 милион гласачи да се ослободиме од оваа болест наречена колективен UNM во нашата земја – изјави тој, пренесува Civil.ge.
Партијата „Грузиски сон“, основана од милијардерот и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, е на власт од 2012 година. Иако во почетокот се претставуваше како либерална алтернатива на реформаторскиот табор на Сакашвили, по руската инвазија врз Украина во 2022 година, според критичарите, партијата се сврте кон Москва, спроведувајќи крајнодесничарски политики и усвојувајќи закони во „руски стил“, насочени против независните медиуми и невладините организации – вклучително и спорниот закон за „странски агенти“, кој ја крена цела земја на нозе.