Улица Македонија: Главна артерија на градскиот живот во Скопје

Од султански почести до модерни корза – како една улица остана вечен симбол на Скопје

Уште во далечната 1873 година, кога во Скопје пристигнува првиот воз, се наѕира потребата од урбанизирана улица што ќе го поврзе градот со новата железничка станица. Така започнува животот на улицата која денес ја знаеме како улица Македонија, но која низ историјата менувала многу имиња, форми и идентитети.

Првата значајна трансформација доаѓа во 1911 година, кога пред доаѓањето на султанот Мехмед V Решад, улицата се поплочува со камени плочи, што ја прави една од првите вистински урбани улици во градот. Овој чин бил симбол на модернизација и почит, а улицата станува репер за развојот на Скопје.

Во периодот меѓу двете светски војни, улицата станува корзо – место на урбаната класа, каде секојдневно се шетале граѓани во најдобра облека, млади што го откривале животот, уметници, интелектуалци, трговци и чиновници.

Спроти Тивар одела се наоѓал „Путник“

Се шетало „горе-долу“ меѓу хотелот Македонија и железничката станица, во ритуал на гледање и покажување. Улицата, иако во функција на сообраќај, имала свој ритам и церемонија, каде модата, музиката и културата се мешале со секојдневните разговори.

Корзо во 30 – тите години на минатиот век

Хотелите на улица Македонија биле сведоци на европскиот сјај на Скопје. Покрај улицата, особено до Втората светска војна, биле лоцирани голем број хотели:

  • Бристол, Сплендид, Москва, Русија,
  • Сараево, Српски крал, Париз,
  • како и Гранд хотел Македонија, кој бил најголемиот и најлуксузниот во тоа време.
Хотелите „Бристол“ и „Српски краљ“

Овие хотели не биле само места за преноќување, туку точки на културна размена, дипломатски средби и елитен туризам. Тие биле и првите места каде стигнувале новите европски трендови – од архитектура до гастрономија.

Хотел „Бристол“ сега

Неколку градски палати од 30-тите и 40-тите години и денес сведочат за урбаната естетика на Скопје.

  • Крангова палата, била пример за градска префинетост.
  • Ристиќева палата, на аголот кај поранешната „Југопластика“, е уште еден бисер на урбаната архитектура.
  • Блиску до нив се и неколку административни објекти од социјалистичкиот период, кои ја дополнуваат хронологијата на улицата.

На самиот почеток на улицата, веднаш до Домот на АРМ (поранешниот Офицерски дом), се наоѓа Беговата кулаединствениот феудален објект што преживеал во срцето на градот. Се смета дека е изградена во доцниот 17 или раниот 18 век, како дел од поголем имот на неименуван бег.

Оваа кула, иако скромна по изглед, е значаен симбол на османлиското присуство и на континуитетот на животот во оваа зона. Долги години била запоставена, но денес, во комбинација со новите околни објекти, станува потсетник на корените на градот.

Бегова кула, фото: Александар Стојчевски

До крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите, улицата беше дом на:

  • продавници како Југотон, Обувка, Технометал Вардар, Краш,
  • книжарницата Култура, саатчиите Стамат и Дарвил,
  • слаткарници и култни места за кафе и ручек.

Секоја генерација има свој сет на спомени врзани за оваа улица: првото купено одело, првиот филм во кино „Вардар“, првото доживеано „шетање без родителски надзор“.

По 2000 година, улицата претрпе целосна трансформација: станува пешачка зона, со нови клупи, фонтанчиња, споменици и модерни локали. Денес, на улица Македонија се лоцирани

  • Галерии, кафулиња, продавници,
  • и неколку споменици и инсталации.

Улица Македонија од почетоците до ден денес доживеала голем број трансформации, но без преседан најголема лузна која сведочи за нејзиното нагрдување е проектот Скопје 2014 кој го донесе кичот и стиропорот во Скопје.

Денес, кога ќе поминете по улица Македонија, ќе сретнете туристи што фотографираат, деца што возат тротинети, баби што раскажуваат приказни, тинејџери што се договараат за излегување, и можеби, некој човек што ќе застане, ќе погледне кон некоја фасада и тивко ќе каже: „Тука некогаш…“

Бидејќи улица Македонија не е само улица. Таа е памтење, сведоштво, патека, а понекогаш и огледало. Огледало на градот, и на сите нас.

Фото: Александар Стојчевски

Благодарение на вредната архива и љубовта кон градот што ја негуваат членовите на фејсбук групата „Стари скопјани“ (https://www.facebook.com/groups/638365006305772) во овој текст се вклучени дел од нивните фотографии и информации, кои го збогатија приказот на оваа сторија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни