Дубаи повторно го привлекува вниманието на светската јавност со амбициозен проект кој треба да го зацврсти неговиот имиџ како глобален центар на луксузот и трговијата со благородни метали. Во рамки на новиот проект „Златна четврт“, во областа Деира се планира изградба на првата улица во светот направена од вистинско злато, која треба да стане главна атракција за туристите, купувачите и трговците.
Идејата за „Златната улица“ е развиена од компанијата Ithra Dubai, а деталите за количината на злато што ќе се користи и точниот изглед на улицата засега остануваат непознати. Сепак, проектот има за цел дополнително да го зацврсти угледот на Дубаи како „град на златото“, статус кој го стекна преку трансформацијата од мало пристанишно трговско место во едно од најголемите светски средишта за трговија со злато.
Новата улица ќе се наоѓа во близина на познатиот Gold Souk во Деира, кој важи за едно од најголемите светски пазари за накит. Таму стотици трговци нудат злато и накит со висок квалитет по конкурентни цени, што го прави регионот особено привлечен за купувачи од целиот свет.
Во рамки на „Златната четврт“ се планира уредување на повеќе од илјада деловни простори, во кои ќе се нудат производи од злато и накит, но и козметика, парфеми и други луксузни производи. Меѓу присутните брендови ќе бидат и реномирани производители на накит, што дополнително ќе ја зголеми атрактивноста на проектот.
Проектот предвидува и изградба на шест хотели со околу илјада соби, со цел да се задоволат потребите на меѓународните посетители и деловните партнери. Со овој потег, Дубаи уште еднаш ја потврдува својата стратегија за развој на туризмот и луксузната индустрија, комбинирајќи спектакуларна архитектура со економски потенцијал.
