Според украинските извори, пешадиски тимови потпомогнати од дронови и артилерија извршиле брзо прочистување на клучните градски позиции, по што руските единици се повлекле кон јужните квартови.
Командирот Валентин Манко изјави дека центарот е стабилизиран, но операциите продолжуваат затоа што во периферијата сè уште има руски групи што пружаат отпор. Од руската страна пристигна само кратко соопштение во кое се тврди дека биле одбиени повеќе украински напади, но без директно споменување на борбите во самиот Покровск.
Преговорите за мир забрзуваат – драстично изменет Трамповиот план
Во исто време, паралелно со борбите на теренот, во Швајцарија се одвиваат интензивни преговори за прекин на огнот. Изворниот американско-руски план од 28 точки – кој предвидуваше повлекување на Украина од делови од Донбас, ограничување на нејзината армија и откажување од НАТО – е целосно преработен.
Според украинската дипломатија, по средбата меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, документот е сведeн на 19 точки, при што е прифатено „речиси сè што предложила украинската страна“. Заменик-министерот за надворешни работи на Украина изјави дека „Американците ги прифатија речиси сите наши барања“, а советник на претседателската канцеларија додаде дека „оригиналниот Трампов план повеќе не постои“.
Киев и европските партнери инсистираат дека постоечката линија на фронтот мора да биде основа при секоја идна дискусија за територијален статус.
Различни реакции: од оптимизам до критики
Додека Доналд Трамп напиша дека „нешто добро се случува“ во мировниот процес, Кремљ тврди дека сè уште нема добиено ажурирана верзија од новиот предлог, при што европскиот контрапредлог го оцени како „неконструктивен“.
Владимир Путин, пак, изјави дека американскиот план „во принцип може да биде основа“ за постигнување договор, но Москва продолжува да испраќа мешани сигнали, паралелно со тековните жестоки борби на фронтот.
Извор: Index.hr
