На светските пазари цените на нафтата минатата недела се зголемија за околу 5 проценти, главно поради можна намалена понуда од Русија по серија украински напади на руската нафтна инфраструктура.
Цената на барел на лондонскиот пазар се зголеми за 5,2 проценти, достигнувајќи 70,13 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,9 проценти, на 65,72 долари.
Напади на украинската војска врз руската инфраструктура
Појавата на повисоки цени најмногу се должи на можната намалена испорака од Русија, откако украинската војска изврши низа напади на нафтната инфраструктура. Во текот на ноќта меѓу понеделник и вторник, беше нападнат погон во Самара, Русија, каде што се подготвува нафтена мешавина за извоз.
Во средата, украински дронови предизвикаа пожар во петрохемискиот комплекс на „Газпром“ во Салават, Башкортостан. Истата вечер, мета на дроновите беше и пристаништето во Новоросијск, со терминали за извоз на нафта и жито, поради што Каспискиот цевководен конзорциум (CPC) привремено го запре вчитувањето на нафта.
Во четврток навечер, украински дронови ја нападнаа рафинеријата Афипски во руската регија Краснодар. Сето ова сериозно ги наруши нафтните текови на Русија.
„Фокусот на пазарот е на ситуацијата меѓу Украина и Русија. Нападите со дронови се зголемуваат“, изјави Џон Килдаф, партнер во фирмата Again Capital.
Тој исто така истакна дека претседателот на САД, Доналд Трамп, врши притисок врз големите купувачи на руска нафта да го намалат увозот. „Можно е наскоро Индија и Турција да го намалат увозот на руска нафта“, додаде Килдаф.
Внатрешни проблеми во Русија
Дополнително, руската влада во четврток објави дека ја продолжува забраната за извоз на бензин до крајот на годината, и дека ќе го забрани и извозот на дизел, освен за рафинерии кои го произведуваат.
Некои руски региони пријавиле недостаток на бензин во изминатиот месец, поради високи цени на нафтените пазари, зголемена сезонска побарувачка за време на земјоделски активности и летни одмори.
Во исто време, производството во рафинериите е намалено поради одржување и украинските напади со дронови. Пазарот е поддржан и од знаци на зголемена побарувачка во САД – најголемиот светски потрошувач на нафта.
Комерцијалните резерви на нафта во САД минатата недела се намалија за 3,8 милиони барели, откако неделата претходно паднаа за 3,4 милиони, според проценките на API (Американски институт за нафта).
Трговците очекуваат дополнително зајакнување на побарувачката во САД, имајќи предвид дека економијата во вториот квартал пораснала повеќе од очекуваното – за 3,8 проценти на годишно ниво.