Според Euromaidan Press, овој успех претставува значајна пресвртница во технолошката ескалација на војната која се води во украинското небо.
Русија со години ги користи побавните, пропелерски верзии на Шахед за напади врз станбени области и енергетска инфраструктура, но моделите на млазен погон што се појавија оваа година станаа сериозна закана. Како одговор, Украина ги ангажира сите достапни средства за противвоздушна одбрана, од мобилни тимови до напредни системи Патриот, а паралелно развива и сопствени дронови пресретнувачи.
Украинската војска на 30 ноември употребила домашно произведени дронови пресретнувачи и соборила неколку руски дронови Геран 3, познати како Шахед 238. Волонтерот Сергиј Стерненко објави фотографија од пресретнувањето, опишувајќи го настанот како историско достигнување. Русија тој ден лансирала вкупно 138 дронови Геран 3, од кои поголемиот дел биле уништени.
Шахед 238 користи турбомлазни мотори и развива брзина до 600 километри на час, со домет од 2500 километри и бојева глава од 50 килограми. И покрај техничките предности, во практични услови дронот се покажал ранлив. Поради ограничениот капацитет на гориво, најчесто лета со крстосувачка брзина меѓу 300 и 350 километри на час, што го прави достапен за пресретнување надвор од зоните на забрзување.
Овој украински успех се оценува како важен чекор напред во воздушната одбрана, особено во момент кога Русија настојува да ја зголеми производството и употребата на напредни беспилотни летала.
Извор: Index.hr
