Украински дронови повторно ја нападнаа Москва

Руската престолнина синоќа повторно беше цел на напад со беспилотни летала, соопшти градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

Станува збор за втор поголем дронски напад во помалку од една недела, по оној регистриран на 10 декември, јавува „Киев Индипендент“.

Според Собјанин, руската противвоздушна одбрана соборила најмалку 18 дронови кои се движеле кон Москва. Тој наведе дека засега нема информации за жртви или материјална штета, а итните служби работат на отстранување на остатоците од соборените летала.

Руското Министерство за одбрана подоцна објави дека во текот на ноќта низ целата територија на Русија биле пресретнати вкупно 130 дронови, од кои 25 над Московската област.

Жителите на Истринскиот округ, околу 40 километри западно од Москва, пријавиле повеќе од десет силни експлозии, објавија руски Телеграм-канали. Детонации биле слушнати и во Кашира и Коломна, јужно од главниот град.

Поради нападите, воведени биле привремени ограничувања во авионскиот сообраќај на аеродромите Жуковски и Домодедово. И во претходните напади, дронските удари предизвикаа сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај, со одложувања и откажувања на стотици летови.

Украина во последниот период сè почесто користи дронови со долг дострел за напади врз воени и индустриски цели длабоко на руска територија. Само неколку дена претходно, на 13 декември, беа пријавени напади врз повеќе објекти, меѓу кои рафинерија за нафта и складишта за гориво во различни руски региони.

Независна потврда на руските тврдења во моментот на објавување не беше можна.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни