Украинска делегација денеска пристигна во Соединетите Американски Држави на нови преговори во Мајами, Флорида, поврзани со подготовката на мировен договор со Русија, објави на социјалната мрежа Икс Кирил Буданов, шеф на кабинетот на украинскиот претседател.
„Ќе имаме важни разговори со нашите американски партнери за деталите на мировниот договор“, напиша Буданов. Тој наведе дека со него се и шефот на Службата за безбедност, Рустем Умеров, како и преговарачот Давид Арахамија. Делегацијата ќе разговара со пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, со Џаред Кушнер – зет и специјален пратеник на Трамп, како и со секретарот на САД за копнени сили, Ден Дрискол.
„На Украина ѝ е потребен праведен мир. Одиме кон резултат“, напиша Буданов.
Во нацрт-договорот за ставање крај на речиси четиригодишната војна на Русија против Украина, сè уште не се решени неколку клучни прашања, пред сè територијалното прашање. Во меѓувреме, Русија продолжува со масовни напади, а постои и тензичност поради нејасните безбедносни гаранции за Украина по завршувањето на војната.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во петокот најави дека делегацијата патува во САД за да ги „разјасни“ документите подготвени со американската страна, во однос на позициите на Русија.
„Доколку сè биде финализирано и американската страна даде одобрение, потпишување за време на Светскиот економски форум во Давос ќе биде можно“ веќе следната недела, оцени Зеленски.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави за агенцијата Ројтерс дека рускиот претседател Владимир Путин е „подготвен да склучи договор“, но дека „Украинците се помалку наклонети кон тоа“, припишувајќи го застојот во преговорите на Зеленски.
