Украински напад со дрон запалил голем магацин за нафта на Крим – украинскиот полуостров кој Русија незаконски го анектираше – објави руската новинска агенција ТАСС.
Според ТАСС, повикувајќи се на кримскиот лидер Сергеј Аксионов, дронот ја погодил локацијата во градот Феодосија во текот на ноќта, при што избувнал голем пожар. Засега нема информации за жртви, пренесува агенцијата DPA.
„Голем магацин за гориво во Феодосија (окупиран Крим) повторно беше погоден вечерва. Истата локација беше цел на напад и пред една недела“, се наведува во една од објавите на социјалните мрежи.
Повеќе од 20 дронови наводно биле соборени над Крим. Синоќа, руското Министерство за одбрана соопшти дека пресретнало 37 дронови над неколку руски региони, како и над Црното и Азовското Море.
Истото магацинско складиште за нафта беше оштетено и во претходен украински напад со дрон минатата година.
Украинска стратегија
Украина веќе неколку пати ги таргетираше објектите за снабдување со гориво во заднината на фронтот, како дел од својата стратегија за попречување на руските линии за логистика и снабдување.
Русија, пак, постојано напаѓа украински цели со дронови и ракети.
Вчера, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија само во изминатата недела лансирала повеќе од 3.100 дронови и 92 ракети кон Украина.
Русија ја води војната против Украина повеќе од три и пол години.