Украинските сили уништиле два руски хеликоптери на аеродромот во Орелската област во Русија со ударни беспилотни летала. Станува збор за повеќенаменскиот хеликоптер Ми-8 и јуришниот хеликоптер Ка-52. Нападот беше објавен од каналот на Телеграм „Спиј фајл“, пишува „Милитарњи“ .
Според објавените информации, нападот се случил во петок, 20 февруари, навечер. Хеликоптерите биле стационирани на аеродромот Пугачевка, во близина на истоименото село. Станува збор за мала земјена писта управувана од Орелскиот аероклуб на Руското доброволно друштво за помош на армијата, авијацијата и морнарицата (ДОСААФ).
Се верува дека руските сили ја користеле локацијата како оперативна база за мешана хеликоптерска единица задолжена за пресретнување на украински беспилотни летала со долг дострел.
Уништениот повеќенаменски хеликоптер Ми-8 имал број на опашка 53 и бил доделен на 319-от посебен хеликоптерски полк, стациониран во Черниговка, Приморски крај. Ударниот хеликоптер Ка-52 „Алигатор“, со број на опашка 18, припаѓал на 16-та воена воздухопловна бригада, со седиште во Зерноград, Ростовска област.