Украина нападна уште една нафтена рафинерија во Русија

Украинските сили, наводно со дронови, погодиле нафтена рафинерија во Славјанск-на-Кубањ и цели во Саратовската област

Рафинеријата за нафта во рускиот град Славјанск-на-Кубањ, во Краснодарскиот крај, ноќеска беше погодена од силни експлозии. Според сè, станува збор за напад изведен од украинските сили со беспилотни летала. Речиси истовремено, непосредно пред полноќ, е забележан и дронски напад врз Саратовската област, пишува Kyiv Independent.

Славјанск-на-Кубањ се наоѓа во јужна Русија, во близина на Азовското и Црното Море, додека Саратовската област на својата најблиска точка е оддалечена околу 330 километри од североисточната граница на Украина. Киев засега не се огласи во врска со овие напади, а информациите сè уште не се независно потврдени.

Систематски удари врз руската инфраструктура

Украина редовно изведува напади врз руската воена и енергетска инфраструктура со цел да ја ослаби борбената моќ на Москва во војната што сè уште трае. Со оглед на тоа што рускиот енергетски сектор директно ги финансира воените напори на Кремљ, Киев ги смета енергетските постројки за легитимни воени цели.

Овие напади следуваат по големиот удар што украинските сили го изведоа на 14 декември врз руски воени и нафтени објекти, погодувајќи цели ширум Русија и на окупираните територии, вклучително и Крим, како што соопшти Генералштабот на Украина. Само два дена претходно, на 12 декември, беше потврден и напад врз рафинеријата „Славнефт-Јанос“ во Јарослављ, една од петте најголеми рафинерии во Русија.

Во меѓувреме, гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, изјави дека украински ракетен напад врз градот Белгород на 14 декември предизвикал „сериозна штета“ врз локалната инфраструктура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни