Украина и САД направија значаен исчекор кон формирање заеднички мировен план за завршување на војната со Русија. Планот, составен од 28 точки, минатата недела му беше претставен на Киев, а викендот украински и американски претставници работеа на негова доработка во Женева. Според најавите, САД ќе испратат специјални претставници во Москва, со цел да се продолжат разговорите и со руската страна.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека почетната верзија на мировниот план е дополнета со предлози од двете страни, оценувајќи дека договорот е „на дофат“. Паралелно, американскиот секретар за армија треба да оствари нова рунда разговори со украинските претставници.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност за директна средба со Трамп пред крајот на месецот. Според него, секоја одлука што се однесува на Украина и на европската безбедност мора да биде донесена со учество на тие земји. „Кога нештата се одлучуваат зад затворени врати, постои ризик да немаат ефект“, истакна тој.
Иако медиумите пишуваат дека постои готова верзија на новиот мировен план, претставниците на Украина предупредуваат дека најважниот дел останува нерешен – безбедносните гаранции. Украинскиот преговарач Олександр Бевз вели дека Киев бара гаранции слични на член 5 од Повелбата на НАТО, барем додека членството во НАТО е неизвесно.
Од европска страна, скептицизмот е уште поголем. Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека Москва нема волја за примирје и не сака да дискутира за преработениот план. Според него, притисокот врз Русија мора да продолжи преку санкции и ограничување на руските енергетски канали.
Трамп изрази надеж дека наскоро ќе се сретне со Зеленски и со Путин, но само кога документот ќе биде финализиран. Русија тврди дека не го добила новиот предлог, и покрај последните контакти во Абу Даби.
