Планот за Украина ја вознемири ЕУ: „Ова е замка поставена од Путин и Трамп“

Брисел разгледува контроверзен „двојно-нивоен“ модел за забрзано членство на Украина, што отвори сериозни стравувања од преседан, внатрешни поделби и поткопување на правилата на Унијата.

Во Европска унија расте загриженоста поради разгледувањето на предлог за напуштање на досегашниот модел на пристапување и негово заменување со т.н. „двојно-ниво“ систем, чија цел е забрзување на влезот на Украина во Унијата. Иако иницијативата, за која се дискутира во Европска комисија, сè уште е во рана фаза, таа веќе предизвика силна вознемиреност во европските престолнини, пишува Financial Times, повикувајќи се на седум високи европски функционери.

Членството како дел од мировен договор

Украина, која доби кандидатски статус кратко по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, го гледа членството во ЕУ како клучен столб на својата поствоена иднина. Според нацрти на мировен план од 20 точки, под водство на САД, наводно се споменува можност Киев да стане членка на ЕУ веќе во 2027 година, и покрај проценките дека за целосно исполнување на критериумите би биле потребни и десет години реформи.

Функционери во Брисел сметаат дека украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел да прифати и болни компромиси во мировните преговори, како територијални отстапки, само доколку членството во ЕУ се претстави како позитивен и опиплив исход.

Како би изгледало „олеснетото“ членство

Според предлогот, Украина би можела формално да се приклучи на Унијата, но без целосни права на одлучување. Во почетната фаза, таа не би имала право на глас на самитите на лидерите и состаноците на Советот на министри.

Пристапот до единствениот пазар, земјоделските субвенции и фондовите за внатрешен развој би бил постепен и условен, дури по формалното членство. Овој модел би значел драстична промена на правилата усвоени во 1993 година, кои бараат целосно усогласување со законодавството на ЕУ пред приемот.

Длабока нелагода меѓу земјите членки

„Вонредни времиња бараат вонредни мерки“, изјавил еден висок дипломат на ЕУ, тврдејќи дека не станува збор за поткопување, туку за проширување на концептот на проширување. Сепак, други дипломати отворено предупредуваат на ризиците.

„Ова е замка што ја поставија Владимир Путин и Доналд Трамп, а ние доброволно влегуваме во неа“, изјавил друг дипломат, оценувајќи дека ваквиот пристап може да го разниша единството на Унијата.

Според Муџтаба Рахман од Eurasia Group, ЕУ се наоѓа „меѓу чекан и наковална“: забрзувањето на пристапувањето на Украина е речиси неизбежно, но истовремено отвора Пандорина кутија со политички и стратешки ризици.

Внатрешни блокади и поделби

Напредокот на Украина во постојниот пристапен процес е блокиран од Унгарија, која го користи правото на вето за секое од 35-те преговарачки поглавја. Во Брисел постои надеж дека американското учество во мировен договор би можело да изврши притисок врз Будимпешта да ја повлече блокадата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна изјави дека пристапувањето на Украина претставува и безбедносна гаранција и двигател на идниот раст. Сепак, голем број земји членки, иако ја поддржуваат Украина, жестоко се спротивставуваат на каков било модел што создава „дупки“ во правилата или воспоставува членство од прва и втора класа.

Последици за другите кандидати

Функционерите предупредуваат дека секоја промена на процесот на проширување ќе има директни последици и врз другите земји кандидати. Црна Гора и Албанија, кои се најнапред во преговорите, би можеле да сметаат дека им се нуди помалку вредна награда.

Дополнително, се отвора прашањето дали сличен „олеснет“ модел би им бил понуден и на земји со слаб напредок, како Босна и Херцеговина или Турција, како и како тоа би влијаело на односите со партнерите надвор од ЕУ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни