„Украина е…“ ги обедини луѓето преку уметност, музика, култура

Вчера во монтажната галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје се одржа мултимедијалниот настан „Украина е…“, со цел да ја зголеми свеста за состојбите со кои се соочува Украина поради руската агресија и да го прошири разбирањето и солидарноста кон милионите украински бегалци раселени низ Европа.

Настанот, организиран од Центарот за современи уметности – Скопје и здружението LOGS од Темишвар, Романија, опфати изложба, музички дел и дегустација на традиционална украинска храна. „Настанот има за цел да ја зголеми свеста за состојбите со кои се соочува Украина заради Руската агресија и на тој начин да придонесе кон ширење на вистините за случувањата во Украина,“ велат организаторите.

Јана Розбицкаја, уметница од Киев и водечка фигура на украинската заедница во Темишвар, Романија, беше креатор на културниот концепт и изложбата „Застанете за Украина“. Изложбата, која првично беше поставена во Темишвар за Денот на независноста на Украина на 24 август, сега е прикажана и во Скопје. „Идејата за овој проект беше да имаме два дена посветени на Украина – еден во Темишвар и вториот во Скопје, за да ја покажеме нашата култура и да ја пренесеме пораката за нашиот идентитет,“ изјави Розбицкаја. Таа истакна дека културната дипломатија е важен аспект на борбата на Украина за признавање. „Македонија исто така се борела за својот идентитет, како што сега Украина се бори за нејзиниот идентитет, за нејзиното културно наследство и за правото да биде независна земја. Ова чувство на заедничка борба за сопствениот идентитет нè зближува,“ рече таа.

Розбицкаја подвлече дека настаните како овој се клучни за да ја пренесат пораката дека Украина не е „помало братче на Русија,“ како што Москва сака да го прикаже тоа. „Споделувањето на нашата култура е навистина важно за луѓето од целиот свет да ја запознаат нашата култура, нашите вредности, нашата перспектива за живот. Ние не сме Русија, и ова е нашиот начин да го кажеме тоа,“ додаде таа.

Флавиус Илиони Лога претседател на здружението LOGS од Романија, кое е ко-организатор на настанот, ја потенцираше улогата на културната дипломатија во менување на перцепциите. „Културната дипломатија и уметноста ја менуваат перцепцијата. Уметноста поставува прашања и ги мотивира луѓето да дискутираат, да носат идеи заедно. Во едно демократско општество потребни се вакви дискусии и дебати,“ рече Флавиус. Тој додаде дека уметноста има сила да гради мостови дури и помеѓу луѓе со различни ставови. „Храната што ја презентираме на овој настан е симбол на зближувањето. Дури и ако некој не се согласува со нашите погледи, храната ги зближува луѓето,“ истакна тој, нагласувајќи ја важноста на овој мултимедијален пристап.

Флавиус ја потенцираше важноста на уметниците и активистите во денешното општество, особено кога се соочуваме со прашања за миграција, бегалци и интеграција. „Ако ние, кои веруваме во отворен свет, замолчиме, тогаш конзервативците и националистите ќе бидат погласни. Уметниците мора да зборуваат и да бидат гласни. Ние ја користиме оваа платформа за да ја пренесеме нашата визија за тоа како светот треба да изгледа – како отворено место за сите,“ рече тој.

Никола Писарев од Центарот за современи уметности – Скопје, кој е партнер во проектот, истакна дека овој настан е дел од поголем културен проект со кој се изразува солидарност кон Украина и нејзината борба. „Овој настан е дел од продукција која нашите колеги од Романија и Украина ја донесоа кај нас, за да ја покажеме нашата поддршка и да претставиме дел од украинската култура, музика и уметност,“ рече Писарев.

Писарев го подвлече значењето на културната дипломатија и важноста уметниците да бидат амбасадори на своите држави. „Уметниците многу подобро ја претставуваат државата од политичарите. Најчесто уметноста е онаа која гради мостови и отвора врати кога политиката тоа не успева да го направи,“ истакна тој.

Настанот „Украина е…“ покажа како културната дипломатија може да служи како моќен глас на отпорот и солидарноста, обединувајќи ги луѓето преку уметност, музика и култура, дури и во најтешките времиња.

Фотограф: Надица Манева Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни