Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска соопшти дека постигнал договор со Владата на Украина за исплата на нова транша од 500 милиони долари во рамките на тековната програма за помош. За договорот да стапи во сила, потребно е одобрување од Извршниот одбор на ММФ, што се очекува во наредните недели, се наведува во соопштението.
Со оваа нова исплата, Украина досега ќе има добиено вкупно 10,65 од 15,5 милијарди долари од програмата за помош.
Ова е дел од голем меѓународен план во вредност од вкупно 122 милијарди долари, одобрен во март 2023 година од сите земји кои ја поддржуваат Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
ММФ оцени дека украинската економија е сериозно нарушена од војната што Русија ја води против таа земја, но сепак се очекува раст од два до три проценти оваа година, додека во 2024 година бил четири проценти. Се укажува на високо ниво на јавна потрошувачка поради руската инвазија и последиците од бомбардирањата, поради што Украина во голема мера зависи од надворешна помош.
Инфлацијата исто така расте, но одговорот на Централната банка се смета за соодветен, се вели во соопштението на ММФ.
„Реформите во управувањето се неопходни за зајакнување на владеењето на правото и подобрување на независноста, стручноста и кредибилитетот на судските и антикорупциските институции“, изјави шефот на мисијата на ММФ во Украина, Гевин Греј.
„Во исто време, потребни се напори за подобрување на наплатата на даночните приходи, борба против даночната евазија и избегнување даноци, како и подобрување на бизнис-климата“, додаде Греј.