Украина: Деактивирани Starlink терминалите што ги користеле руските сили

Украинскиот министер Михајло Федоров потврди дека Starlink терминалите што ги користеле руските трупи се блокирани, а активни остануваат само уредите на „белата листа“.

Украинските власти соопштија дека се деактивирани Starlink терминалите што ги користеле руските воени сили на територијата на Украина. Информацијата ја објави украинскиот министер за дигитална трансформација Михајло Федоров, преку порака на Телеграм.

Според Федоров, во функција остануваат само Starlink терминалите што се вклучени на таканаречената „бела листа“, односно уреди регистрирани и користени од украински корисници, додека сите терминали поврзани со руските сили се веќе блокирани.

„Работат само Starlink терминалите кои се на белата листа. Руските терминали се веќе исклучени“, напиша Федоров, пренесува Ројтерс.

Украина минатата недела соопшти дека интензивно соработува со компанијата SpaceX, чиј сопственик е Илон Маск, со цел да се спречи користењето на Starlink технологијата од страна на руските сили, особено за управување и координација на напаѓачки дронови.

Како дел од тие напори, украинските институции работат на комплетирање на „бела листа“ на сите легитимни украински Starlink терминали. Со тоа, системот овозможува прецизно исклучување на уредите што се користат од руските трупи, без да се наруши комуникацијата на украинската армија и цивилните служби.

Starlink има клучна улога во одржувањето на интернет и комуникациската инфраструктура во Украина, особено во услови на војна и оштетена класична мрежа, поради што контролата на неговата употреба претставува значаен безбедносен и стратешки фактор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни