Украдена бистата на Вера Јоциќ: Кога се брише антифашистичкото и женското сеќавање

Повторливите кражби на споменици, особено во централни и наводно обезбедени делови од градот, отвораат сериозно прашање за институционалната одговорност. Кражбата на бистата на Вера Јоциќ не е само губење на бронза, туку губење на јавно сеќавање.

Вчера во 11:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека од парк на подрачјето на Општина Центар е украдена бронзената спомен-биста на народниот херој Вера Јоциќ. Како што стои во полицискиот билтен, станува збор за споменик поставен во јавен простор во централното градско подрачје, во близина на државни институции. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, но засега нема информации за сторителите.

Којa била Вера Јоциќ?

Оливера Вера Јоциќ е родена на 21 август 1923 година во Белград, а израсната и политички оформена во Скопје. Уште како ученичка се вклучила во револуционерното младинско движење и станала членка на СКОЈ, а од октомври 1941 година и на КПЈ.
За време на Народноослободителната борба активно дејствувала на територијата на Србија и Македонија – најпрво како курирка и организаторка, а подоцна и како политичка работничка и заменик политички комесар во повеќе партизански единици, меѓу кои Кумановскиот партизански одред и Третата македонска ударна бригада. Покрај борбените активности, Вера работела со локалното население, особено со жените, на политичка едукација, описменување и организирање. Загинува во 1944 година кај Страцин, а за народен херој на Југославија е прогласена постхумно во 1951 година.

Бистата и нејзината поставеност

Спомен-бистата на Вера Јоциќ била поставена како дел од меморијалното одбележување на антифашистичката борба и жените учеснички во НОБ. Изработена е од бронза и со години претставувала еден од ретките јавни споменици во Скопје посветени на жена народен херој. Нејзината локација – во централно градско подрачје – симболично укажувала на значењето на нејзината борба во колективната историја.

Авторка на бистата е Вида (Видосава) Јоциќ, сестрата на Вера и една од позначајните југословенски вајарки. Вида Јоциќ е преживеана од логорот Аушвиц и припадничка на генерацијата уметници чија работа е длабоко поврзана со искуството на војната, отпорот и загубата.
Фактот што бистата е создадена од нејзината сестра ѝ дава дополнителна емотивна и историска вредност – таа не е само уметнички портрет, туку сведоштво за лична загуба и колективна борба.

Зошто бистата беше важна?

Овој споменик не претставуваше само обележје на една биографија, туку редок феминистички и антифашистички симбол во јавниот простор. Во град каде доминираат споменици на машки историски фигури, бистата на Вера Јоциќ потсетуваше на улогата на жените во отпорот и нивниот придонес во создавањето на слободата.
Токму затоа, за многумина, нејзиното исчезнување не е случаен криминален чин, туку симболично бришење.

Не е единствен случај

Кражбата на бистата на Вера Јоциќ не е изолиран инцидент. Во мај 2025 година беа украдени или оштетени повеќе бисти низ Скопје – бистата на Крсте Петков Мисирков во Градскиот парк, бистата на Ѓорѓија Пулевски од двор на училиште во Аеродром, како и оштетувањето на бистата на Кочо Рацин.
Дополнително, во текот на 2025 година беа пријавени и кражби на неколку бронзени бисти од гробиштата Бутел. И покрај повеќекратните пријави, досега нема јавно соопштени информации за фатени сторители.

Повторливите кражби на споменици, особено во централни и наводно обезбедени делови од градот, отвораат сериозно прашање за институционалната одговорност. Кражбата на бистата на Вера Јоциќ не е само губење на бронза, туку губење на јавно сеќавање.
Дали и овој случај ќе заврши без одговор и последици, или конечно ќе се постави прашањето како државата го штити своето културно и антифашистичко наследство – останува да се види.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни