Со измените на Законот за електронски комуникации, што се наоѓаат на јавна расправа во Единствениот национален регистар, Северна Македонија ги усогласува домашните правила со европските регулативи, овозможувајќи приклучување кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија.
На овој начин, граѓаните и компаниите ќе можат да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни трошоци, исто како кога се дома.
За законските измени, чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, коментари може да се достават уште четири дена на Единствениот национален регистар.
Нацрт-законот предвидува воспоставување јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите, зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци, како и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации.
Целта е укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, обезбедување предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека домашните законски обврски мора да се завршат до февруари, додека останатите прашања ќе се решаваат преку дијалог на ниво Македонија–ЕУ и Западен Балкан–ЕУ.
Покрај усогласувањето на четири европски регулативи во Законот за електронски комуникации, до јули се планира донесување и на подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државата веќе е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан од 1 јуни 2021 година, кој овозможува користење мобилни услуги без дополнителни трошоци меѓу земјите од регионот. Сепак, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно усогласен со европските стандарди.
Европската комисија најави постапка за законско решение за приклучување на земјите од Западен Балкан кон иницијативата „Роаминг како дома“, а Владата на Северна Македонија веќе усвои акциски план за усогласување со европското законодавство, со рокови за анализа на правните празнини и изработка на законски и подзаконски акти до април 2026 година.