Американската држава Њујорк ја укина во петокот ретко применуваната законска одредба стара повеќе од еден век, која ја сметаше брачната превара за прекршок и за прељубниците предвидуваше три месеци затвор.
Гувернерката Кети Хочул ја потпиша законската одредба со која се укинува тој пропис од 1907 година кој долго се сметаше за застарен и тешко применлив.
„Иако имав среќа да делам брачен живот исполнет со љубов со мојот сопруг веќе 40 години – што е нешто иронично, бидејќи го потпишувам законот кој ја декриминализира прељубата, знам дека односите меѓу луѓето често се сложени“, рече таа и додаде дека „јасно е дека тие се управувани од поединци, а не од системот на кривичната правда. Ајде да го укинеме тој глуп, застарен пропис засекогаш“.
Забраната на прељуба била закон во неколку држави на САД за да се отежни разводот во времето кога единствениот начин за законско раскинување на бракот било докажувањето дека еден од партнерите бил изневерен. Обвиненијата биле ретки, а пресудите уште по ретки. Некои држави ги укинале своите закони за прељуба во последниве години.
Њујоршкиот закон дословно наведувал дека прељубата е кога една личност „ќе се впушти во сексуален однос со друга личност во време кога тој има жив сопруг или кога таа друга личност има жив сопруг“. Тој закон првично бил применет неколку недели по неговото влегување во сила, пишувал тогаш Њујорк Тајмс за апсењето на оженет маж и 25-годишна жена.
Пратеникот, Чарлс Лавин, спонзор на укинување на законот, изјавил дека од 1970-те години само десетина луѓе биле обвинети по тој закон, а само во пет случаи имало осудителни пресуди.
„Целта на законот била да ги заштити заедницата и да се спречи антисоцијално однесување. Њујоршкиот закон за прељуба не подобрил ниту една од тие цели“, изјавил Лавин во соопштение во петокот.
Законот последен пат бил користен во 2010 година против жена која била фатена во сексуален акт во парк, но обвинението за прељуба подоцна било одбиено како дел од спогодба за признавање на вината.
Њујорк бил блиску до укинување на законот во 1960-те откако државната комисија задолжена за проценка на кривичното законодавство изјавила дека е речиси невозможно да се спроведе. Пратениците првично биле согласни со укинување, но одлучиле дека законот да остане, бидејќи еден политичар тврдел дека неговото укинување би изгледало како државата официјално да ја поддржува неверството, пишува во написот на Њујорк Тајмс од 1965.