Укинат притворот за Слободанка Катаниќ и на уште две лица обвинети за корупција во случајот со падот на настрешницата

Апелациониот суд во Белград вчера го укина притворот за Слободанка Катаниќ, менаџерка за развој на инвестиции во АД „Инфраструктура на железници на Србија“, како и за Милутин Савовиќ, претседател на Комисијата за технички преглед, и Билјана Крстиќ, член на истата комисија, пренесува порталот Нова.рс.

На Катаниќ ѝ е укината мерката домашен притвор, а останатите двајца обвинети се пуштени да се бранат од слобода.

Потсетуваме, Посебното одделение за борба против корупција при Вишото јавно обвинителство во Белград на почетокот на март подигна обвинение против Слободанка Катаниќ, Милутин Савиќ и Билјана Крстиќ за повеќе кривични дела со елементи на корупција. Според обвинението, нивните постапки довеле до падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 лица, а две беа тешко повредени.

Катаниќ се товари за злоупотреба на службената положба и тешко дело против општата безбедност, додека Савиќ и Крстиќ се обвинети за несовесно работење во служба и тешко дело против општата безбедност.

Истрагата за падот на настрешницата предизвика бројни контроверзии во јавноста, бидејќи ова беше третата истрага што се отвори за истиот случај. Интересно е што обвинението беше поднесено само седум дена по отворањето на истрагата, откако врховната обвинителка Загорка Доловац му наложи на обвинителот Ненад Стефановиќ предметот да го префрли на Специјалното обвинителство за организиран криминал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни