УХМР: Обилни врнежи во Гевгелија, Штип и Попова Шапка – се очекува висок водостој на Вардар, Црна и Треска

УХМР соопшти дека најмногу дожд наврнал во Гевгелија, Штип и Попова Шапка. До крајот на денот се очекува висок водостој и можни излевања на Вардар, Црна и Треска во повеќе региони низ земјата.

Во изминатите девет часа, заклучно со 16 часот, најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 л/м², потоа во Штип – 16 л/м², Попова Шапка – 14 л/м² и Берово – 12 л/м², информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

По 10 литри на метар квадратен се измерени во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м² во Прилеп.

Од УХМР предупредуваат дека на повеќе места низ државата има интеракција меѓу подземните и површинските води, како и појава на локални заезерувања поради врнежите. До крајот на денот се очекува висок водостој на реките Вардар, Црна и Треска, додека кај помалите реки се прогнозира постепена стагнација и намалување во вечерните часови.

Опасност од излевање во повеќе региони

На хидролошката станица на Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на нивото, но водостојот и натаму останува висок, со ризик од излевање во гостиварскиот регион. Во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде се можни локални поплавувања и заезерувања.

Во Скопје се очекува зголемен водостој на Вардар, како и на реката Лепенец. Поради порастот на нивото на Кадина и Маркова Река, како и дотокот од Горен Вардар, можни се заезерувања низводно од главниот град – особено околу селата Зелениково, Орешани и Таор.

Реката Треска е во пораст и постои ризик од излевање кај селата Пласница и Лисичани. Висок водостој се бележи и на Зајашка Река, со тенденција на благо намалување.

Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.

Временска прогноза

До крајот на денот времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, на планините во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни