Угинат балкански рис на патот Ресен–Охрид – започната е координирана истрага

На патот Ресен–Охрид е пронајден угинат балкански рис. Институциите спроведуваат координирана акција за анализа, додека експертите предупредуваат дека во природата остануваат околу 50 единки од овој критично загрозен вид.

По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен е констатирано дека на патниот правец Ресен–Охрид угинал балкански рис – еден од најзагрозените цицачи во Европа.

Во тек е координирана акција со Министерство за животна средина и просторно планирање, Државен инспекторат за животна средина, Агенција за храна и ветеринарство и Македонско еколошко друштво, со цел земање примероци за анализа и транспортирање на животното на обдукција на Факултет за ветеринарна медицина – УКИМ.

Експертите предупредуваат дека ваквите случаи се особено загрижувачки, ако се има предвид дека во природата се проценува дека остануваат уште околу 50 единки на балканскиот рис – подвид на евроазискиот рис кој опстојува главно во планинските подрачја на Северна Македонија и делови од Албанија.

Овој настан повторно ја отвора темата за потребата од системско планирање на инфраструктурата со цел заштита на дивиот свет. Еколошките организации апелираат за изградба на таканаречени „зелени мостови“ и безбедни премини за животни, кои ќе овозможат непречено движење и ќе ги намалат ризиците од сообраќајни несреќи со фатални последици за загрозените видови.

Заштитата на балканскиот рис не е само национална, туку и регионална и европска обврска, бидејќи станува збор за симбол на биодиверзитетот на Балканот и вид на работ на исчезнување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни