Уделот на автомобилската компанија Тесла на европскиот пазар повторно опадна, по новиот бран протести против генералниот директор на компанијата, Илон Маск, според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Уделот на компанијата на пазарот во Европската унија, Обединетото Кралство и трговската зона ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) падна на 2 проценти во март, од 2,9 проценти во март минатата година.
Оваа година, уделот на Тесла на овие пазари падна на 1,6 проценти од 2,5 проценти во периодот јануари-март минатата година.
Во споредба со првиот квартал од 2024 година, продажбата падна за 37 проценти – од 86.027 на 54.020 продадени модели – и тоа во време кога вкупната продажба на електрични автомобили во Европа пораснала за речиси 24 проценти.
Претходно оваа недела, од Тесла соопштија дека профитот паднал во првиот квартал од тековната година.
Протестите против Маск и Тесла се одржуваат во САД и низ цела Европа последниве недели, што доведе до негативни реакции кај потенцијалните купувачи во Европа и кај некои сопственици на возила од таа компанија, пишува Гардијан.
Како што пренесува британскиот весник, покрај протестите против Маск, падот на профитот е предизвикан и од застарената линија на модели и зголемената конкуренција од ривалските производители, како што е кинескиот BYD.
(Танјуг)