Учам да се сакам (и тоа е политика)

фото: Anastasiya Lobanovskaya

Би сакала уште од малечка да знаев дека кога ќе зборувам за љубовта кон себе и заземањето на своите простори, тоа нема да биде воопшто едноставен процес. Знам дека не е за ниту една жена на светов. Сè уште сум со мислата од еден од претходните текстови дека терминот грижа за себе, навистина е во криза во контекст на индустриите и неолиберализмот. Тоа, сепак, не ја исклучува оваа потреба да зборувам, да создавам и да работам на себе и на своите чувства, желби и сонови во еден контекст кој грижата за мене одамна ја направи длабоко политичко прашање. Напротив, ме тера подлабоко да истражувам што вистински  таа значи.

Пишувам за оваа љубов, затоа што многу длабоко и комплексно сум поминувала и поминувам низ процеси на учење и запознавање на својот внатрешен свет, кои за секого се трансформативни и бесконечно полни со потенцијал. Затоа што ја чувстувам нејзината сила.

На што мислам кога велам дека сакањето на себе е политичко прашање? На предизвикувањето на сите предрасуди и опресии кои доаѓаат поради грижата за својот внатрешен глас и потреби. На редефинирање на својата вредност надвор од расата, класата, родот, припадноста. На спротивставување на традиционалното општество и патријархатот, преку избирање на себе кое комуницира со другиот.  На храброст и право жените да ја имаат својата сила и моќ без да бараат дозвола за неа. На автономија над своите избори, идентитети и вредност која не подлежи на надворешно потврдување. Да се зборува на оваа тема во ова капиталистичко лудило е многу комплицирано затоа што додека учиш да се грижиш за себе, ти ја преиспитуваш заедницата и нејзините болки истовремено. Гледаш колку овие работи се меѓусебно поврзани и како директно влијаат на тебе, твоето расположение, чувството за (не)припаѓање, стравовите, надежта, радоста.

Одвреме-навреме, ќе налеташ на луѓе чии ресурси за помош се реално достапни и тоа ќе стане трансформативно, како што ми се има случено мене во два наврати. Па бараш начин како тие ресурси да станат достапни за многу повеќе луѓе, зборуваш и пишуваш за тоа, затоа што живееме во средина каде едноставно борбите не завршуваат и мирот внатре е кревок и толку нежен, во однос со тоа што се случува надвор од нас. Особено мислам на нас како жени, секогаш условени од коментарите дека ние природно сме подобри во грижа за другите, дека тоа е вродено, заборавајќи како социјализацијата на младите девојчиња од мали нозе ги насочува кон ставање на себеси на последно место. И ова е нешто кое понатаму низ животот се отсликува во различни контексти. Ми се отсликало и мене па голем дел од времето одново учам што си значам за да можам да разберам што ми значи светот мене и како му припаѓам.

Имам привилегија да се дружам и да запознавам континуирано многу храбри и прекрасни жени особено последниве четири години. Голем дел од нив се мои блиски пријателки. Од нив не само што научив толку многу за феминизмот, еднаквоста и заедништвото, туку и како да си го засакам животот во моменти кога ми било најпотребно. Храброста да се изберам себе ја имам најдено токму во нив, можноста токму кога гледам во огледало, да ја видам љубовта како катализатор на мојата благосостојба, како нешто кое доаѓа прво, од каде понатаму можам да давам и да се остварувам. Во ниту еден момент не ми беше сокриено колку тие процеси се тешки и неверојатно комплексни, но, секогаш кога сум сакала да се откажам, знаев каде можам да се обратам и на кого можам да се потпрам.

И до ден денес тоа е така, затоа што овој процес го водам уште. Разликата е тоа што сега можам со поголема леснотија и надеж да пишувам токму на оваа тема особено кога се потсетувам дека ова е долга борба за нас. И секогаш кога чувстувам дека сум едно скалило погоре, гледам назад кон малото девојче од пред десетина години и ѝ се насмевнувам. Можам да ја прегрнам и да ѝ кажам дека заедно ќе направиме да ни биде во ред. Би сакала тоа да може да го направи секоја една жена, да ја најде силата за тоа кога ѝ е најтешко и кога од најразлични причини чувствува дека светот ѝ се урива под нејзините нозе. А ако не, би сакала да има поддршка како што сум имала јас за сега да се чувстувам храбро, цврсто и сакано.

Затоа и пишувам на овие теми, затоа што ќе ни требаат сите општествени ресурси да бидат активирани во насока на силна поддршка. Секоја една оснажнета жена, значи една победа во оваа бескрајна борба. Многу одамна и јас мислев дека светот ми се распаѓа пред моите нозе и не верував дека постои нешто подалеку од тоа. Сега првпат јавно пишувам дека се гордеам со себе и дека имам најдено сила со радост и инает да му се бунтувам на тој свет.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни