Оваа метода предизвика гнев кај активистите за заштита на животните, кои велат дека досега се убиени над 700 коали, а се очекува бројката да расте. Снајперистите се дел од Министерството за енергија, животна средина и климатска акција на сојузната држава Викторија (DEECA), а операцијата се спроведува откако гром предизвика огромен пожар што уништи повеќе од 2000 хектари шума.
„Згрозени сме од методите“
Џес Робертсон, претседателка на здружението Koala Alliance, изјави дека локалните заедници се згрожени. „Како може некој да процени во каква состојба е коала гледајќи ја од хеликоптер?“ прашува таа. Од здружението на социјалните мрежи споделија и фотографии од хеликоптери над опожарените предели, тврдејќи дека „ако се пука во коали додека се на дрвјата, многу младенчиња остануваат да страдаат и умираат“.
„Тоа е брутално и сурово. Затоа DEECA никогаш не сакаше јавноста да дознае што навистина се случува“, стои во нивната објава.
Премиерката Џасинта Алан ја брани одлуката, тврдејќи дека коалите биле тешко повредени и трпеле огромна болка. „Министерството направи темелни проценки на состојбата по пожарот и оваа акција е резултат на тие проценки, спроведени од експерти за диви животни“, изјави таа.
Но, научниците кои се занимаваат со проучување на коалите имаат поинакво мислење. Ролф Шлаглот од Универзитетот Централ Квинсленд истакна дека „иако пожарите не можат целосно да се спречат, здравите и поврзани шуми можат значително да го намалат ризикот“. Тој додава дека коалите треба да се земат предвид при управувањето со плантажите на син еукалиптус – нивна омилена храна и засолниште – и дека еутаназијата треба да биде последна опција, само кога животното е неповратно повредено.