Немири во Мексико поради убиство на најбараниот нарко-бос

Лидерот на картелот CJNG починал по воена операција во државата Халиско
Foto: DEA, X

Немесио Осегера Сервантес, познат како Ел Менчо, најбараниот човек во Мексико и лидер на моќниот нарко-картел „Халиско нова генерација“ (CJNG), е убиен во воена операција, јавуваат локалните медиуми.

Според мексиканското Министерство за одбрана, Ел Менчо бил тешко повреден за време на операција изведена во неделата наутро во сојузната држава Халиско. Тој им подлегнал на повредите за време на воздушен транспорт по завршувањето на акцијата, пренесува Ројтерс.

Картелот CJNG, кој потекнува од државата Халиско, со години го прошируваше своето влијание и денес делува во речиси цела територија на Мексико.

По информациите за неговата смрт, се појавија непотврдени извештаи за запалени возила и вооружени лица на улиците во Халиско и други делови од земјата.

Американскиот Стејт департмент издаде предупредување до своите државјани во сојузните држави Халиско и Тамаулипас, како и во делови од Мичоакан, Гереро и Нуево Леон, советувајќи ги да останат во засолништа.

САД претходно нудеа награда од 15 милиони долари за информации што би довеле до апсење на Ел Менчо.

Мексиканските власти засега не соопштуваат дополнителни детали за операцијата, додека безбедносните мерки се засилени поради страв од одмазднички акции на картелот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни