Немесио Осегера Сервантес, познат како „Ел Менчо“, најбараниот човек во Мексико и водач на озлогласениот картел Jalisco New Generation Cartel (ЦЈНГ), е убиен за време на безбедносна операција, објави BBC News.
Мексиканскиот министер за одбрана потврдил дека Ел Менчо починал од тешките повреди здобиени во судир со армијата, додека бил транспортиран кон главниот град Мексико Сити.
Детали од операцијата и одмаздата на картелот
Во судирите во градот Тапалпа, во западната држава Халиско, биле убиени четворица членови на картелот, а тројца војници се ранети. Операцијата била спроведена со разузнавачка поддршка од Соединети Американски Држави.
Како одговор на ликвидацијата на својот лидер, картелот започнал бран насилство во осум мексикански држави – палеле возила, поставувале блокади и напаѓале безбедносни сили.
Американскиот Стејт департмент издал безбедносно предупредување за своите граѓани, советувајќи ги да останат во затворен простор во Халиско и Тамаулипас, како и во делови од Мичоакан, Гереро и Нуево Леон.
Претседателката на Мексико, повика на смиреност, истакнувајќи дека во поголемиот дел од земјата активностите се одвиваат нормално.
Кој беше Ел Менчо?
Ел Менчо (59), поранешен полицаец, изградил огромна криминална организација одговорна за шверц на кокаин, метамфетамин и фентанил во САД. Американската влада нудеше награда од 15 милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.
За време на акцијата биле запленети оклопни возила и тешко оружје, вклучително и ракетни фрлачи.
Хаос во Халиско и туристичките центри
Сведоци пријавиле густ чад над повеќе градови, меѓу кои и Гвадалахара, еден од домаќините на претстојното Светско фудбалско првенство. Во туристичкото одморалиште Пуерто Ваљарта илјадници туристи останале во хотелите поради немирите.
Гувернерот на Халиско апелирал граѓаните да ги почитуваат предупредувањата и да останат во своите домови, додавајќи дека јавниот превоз е прекинат.
Авиокомпаниите United Airlines, American Airlines и Air Canada ги откажале летовите кон Пуерто Ваљарта и Гвадалахара, додека лет на Delta Air Lines од Атланта бил пренасочен.
Реакции и политички последици
Поранешниот американски амбасадор во Мексико, го опиша Ел Менчо како „еден од најкрвавите и најнемилосрдните нарко-босови“, оценувајќи дека неговата смрт е „огромна работа за Мексико, САД и светот“.
Мајк Вигил, поранешен шеф на меѓународни операции во Drug Enforcement Administration (ДЕА), изјави дека станува збор за една од најзначајните акции во историјата на борбата против трговијата со дрога.
Се оценува дека ликвидацијата на Ел Менчо претставува голема победа за претседателката Шајнбаум и може да го зајакне нејзиниот однос со американскиот претседател Доналд Трамп кој претходно се закани со директни напади врз картелите на мексиканска територија.
Картелот Халиско – клучен играч во трговијата со дрога
Картелот Халиско Нова Генерација, основан во 2010 година, стекна озлогласена репутација по брутални напади врз безбедносни сили, вклучително и соборување воен хеликоптер со ракетен фрлач и јавни егзекуции за заплашување на противниците.
Според ДЕА, картелот е присутен во сите 50 американски сојузни држави и е главен снабдувач со фентанил на американскиот пазар. Податоците на американската Царинска и гранична служба покажуваат дека 96 проценти од запленетиот фентанил во САД пристигнал преку југозападната граница со Мексико.
Иако убиството на Ел Менчо се смета за тежок удар врз картелот, аналитичарите предупредуваат дека насилството може дополнително да ескалира во наредниот период.