Убиен е Саиф ал Ислам Гадафи, еден од синовите на поранешниот либиски лидер Моамер ел Гадафи, соопшти неговиот советник, а информацијата ја пренесоа повеќе локални медиуми во Либија.
Саиф ал Ислам Гадафи, кој со години беше сметан за потенцијален наследник на својот татко пред падот на режимот во 2011 година, бил убиен од четворица вооружени лица, изјави Абдулах Отман Абдурахим за либиската телевизија „Ал Ахрар“. Според неговите зборови, напаѓачите упаднале во резиденцијата на Гадафи откако претходно ги оневозможиле безбедносните камери, по што го погубиле.
Роднина на семејството, Хамид Гадафи, за истата телевизија изјави дека Саиф ал Ислам „паднал како маченик“, додавајќи дека засега нема дополнителни информации за околностите на убиството.
Според медиумски извештаи, Саиф ал Ислам Гадафи починал јужно од градот Зинтан, во западниот дел на Либија, регион во кој со години беше задржан и по неговото апсење.
Во минатото, Саиф ал Ислам се обидуваше да изгради имиџ на умерен политичар и реформатор, но таа репутација беше сериозно нарушена на почетокот на народното востание, кога јавно се закани со крвопролевање. Поради настаните за време на конфликтот, против него беше поднесено обвинение од Меѓународниот кривичен суд за злосторства против човештвото.
Тој беше уапсен на југот на Либија и подолг период помина во притвор во Зинтан. Во 2015 година беше осуден на смрт по судска постапка, но подоцна доби амнестија.
По убиството на Моамер ел Гадафи во 2011 година, Либија остана длабоко поделена и до денес ја управуваат две ривалски власти. На западот на земјата делува Владата на национално единство предводена од Абделхамид Дбеибах, која е признаена од Обединетите нации, додека на истокот, со седиште во Бенгази, власт има администрацијата поддржана од маршалот Халифа Хафтар.
