Uber ќе инвестира до 1,25 милијарди долари (околу 1,1 милијарда евра) во купување до 50.000 автономни возила од производителот Rivian, со цел создавање флота роботаксија до 2030 година. Во рамки на договорот, Uber или неговите партнери за возни паркови ќе набават почетни 10.000 целосно автономни Rivian R2 роботаксија, со опција за купување дополнителни 40.000 возила до крајот на деценијата, пишува Euronews.
План за имплементација
Двете компании соопштија дека се очекува првите возила да бидат пуштени во сообраќај во Сан Франциско и Мајами во текот на 2028 година. До 2031 година се планира проширување на вкупно 25 градови низ Соединетите Американски Држави, Канада и Европа.
„Силно го поддржуваме пристапот на Rivian кој ги обединува дизајнот на возилата, компјутерската платформа и софтверскиот пакет, додека истовремено задржуваат целосна контрола над масовното производство и синџирот на снабдување во САД“, изјави извршниот директор на Uber, Дара Коршосваки
„Токму таа вертикална интеграција, заедно со податоците од нивната растечка база на приватни корисници и искуството во управување со сложени комерцијални флоти, ни дава самодоверба да ги поставиме овие амбициозни, но остварливи цели.“
Детали за инвестицијата
Инвестицијата на Uber во Rivian ќе се исплаќа во фази до 2031 година и ќе зависи од исполнување на одредени цели во развојот на автономната технологија. Почетната инвестиција од 300 милиони долари (околу 260,5 милиони евра) ќе се реализира по потпишување на договорот и добивање на потребните регулаторни одобренија.
За Rivian и реакција на пазарот
Rivian, компанија со седиште во Ирвин, Калифорнија, е позната по производство на премиум пик-ап моделот R1T и SUV моделот R1S, како и доставни возила за Amazon и други клиенти. Оваа година ќе започне со производство на помалиот модел R2. Минатата година производителот започна со изградба на фабрика во Џорџија, проект вреден 5 милијарди долари (околу 4,3 милијарди евра).
По објавата на веста за соработката со Uber, акциите на Rivian пораснаа за повеќе од 3 проценти, додека акциите на Uber забележаа благ пад.