Владејачката воена хунта во Буркина Фасо уапси тројца новинари, со што се засили кршењето на слободата на печатот во оваа западноафриканска земја, се вели во извештајот објавен денеска од Хјуман рајтс воч (ХРВ).
Гезума Саного и Букари Уоба, претседател и потпретседател на Здружението на новинари во Буркина Фасо, и Лук Пагбелгуем од локалната телевизија БФ1, беа уапсени во понеделникот од полицајци во цивилна облека и моментално не се знае каде се наоѓаат. Здружението на новинарите беше распуштено следниот ден.
Здружението на новинари одржа прес-конференција на 21 март во знак на протест против ограничувањата на слободата на медиумите на хунтата и ги повика властите да ги ослободат другите приведени новинари. Пагбелгуем тогаш ја следеше прес-конференцијата.
Апсењата се дел од поширокиот тренд во новоформираната Алијанса на државите Сахел (АЕС), која ја сочинуваат Буркина Фасо, Мали и Нигер. Сите три земји доживеаја преврати во последните четири години, по што драстично ја променија својата политика со прифаќање на руската безбедносна поддршка во борбата против растечкиот џихадистички бунт во сите три земји.