Иранската активистка за човекови права и добитничка на Нобеловата награда за мир, Нагрес Мохамади, беше брутално уапсена во Иран и мора веднаш да биде ослободена, соопшти Норвешкиот Нобелов комитет.
Фондацијата што го носи нејзиното име информира дека Мохамади била уапсена во Машхад, град кој се наоѓа околу 680 километри североисточно од Техеран, додека присуствувала на комеморација за адвокат за човекови права кој неодамна бил пронајден мртов под неразјаснети околности.
Станува збор за 46-годишниот адвокат Хосров Аликорди, кој беше пронајден мртов во својот кабинет на почетокот на месецов. Локалните власти тврдат дека починал од срцев удар, но повеќе од 80 адвокати потпишаа заедничка изјава со која бараат целосно разјаснување на околностите поврзани со неговата смрт.
На социјалните мрежи се појави видео-снимка на која, наводно, се гледа Мохамади како зборува пред насобраните граѓани без хиџаб или марама на главата, повикувајќи ги да го скандираат името на Маџидреза Рахнавард. Тој беше јавно погубен во 2022 година, обесен со кран, поради учество во протестите против иранските власти.
Шефот на покраината Машхад, Хасан Хосеини, потврди дека обвинителството им наредило на безбедносните служби привремено да приведат неколку учесници на комеморацијата поради извикување слогани кои, како што наведе, „ги кршат општествените норми“. Оваа информација ја пренесе иранската државна телевизија.
Мохамади и претходно има издржувано повеќе затворски казни по обвиненија за ширење пропаганда против Исламската Република. Минатата година беше пуштена од озлогласениот затвор Евин во Техеран, откако ѝ беше суспендирана казната поради потреба од медицинско лекување.
Таа во 2023 година ја доби Нобеловата награда за мир за повеќедецениската борба за правата на жените и за укинување на смртната казна во Иран. Од Норвешкиот Нобелов комитет порачаа дека иранските власти мора веднаш да разјаснат каде се наоѓа Мохамади, да ја гарантираат нејзината безбедност и физички интегритет и безусловно да ја ослободат.
Комитетот укажа дека апсењето се случува во момент кога Иран спроведува засилен притисок врз интелектуалците и граѓанското општество, додека земјата истовремено се соочува со тешки санкции, економска криза и стравувања од нова ескалација на конфликтот со Израел. Според оценките, овој случај може дополнително да го зголеми меѓународниот притисок врз Техеран, токму во време кога иранските власти сигнализираат подготвеност за нови разговори со Соединетите Американски Држави за нуклеарната програма.
Норвешкиот Нобелов комитет посочи и на симболиката на моментот, наведувајќи дека апсењето се случило еден ден откако овогодинешната добитничка на Нобеловата награда за мир, венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, пристигна во Норвешка за да ја прими наградата.
„Со оглед на блиската соработка меѓу иранскиот и венецуелскиот режим, забележуваме дека Мохамади е уапсена токму во периодот кога Нобеловата награда за мир ѝ се доделува на венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо“, наведоа од Комитетот.
