Њујоршката полиција го уапси 26-годишниот Луиџи Манџоне во Алтуна, Пенсилванија, којшто е осомничен за убиството на извршниот директор на „UnitedHealthcare“ (Јунајтед Хелткер), Брајан Томпсон во Њујорк.
Тој бил уапсен во ресторан на „Мекдоналдс“ откако го препознал еден од муштериите. Кај него биле пронајдени пиштол со придушувач што одговара на оружјето што се користело за пукањето во Томпсон и рачно напишан документ во кој се критикуваат здравствените компании дека профитот го ставаат над здравјето на пациентите.
Њујоршките истражители го обвинија Манџоне за убиство и за четири други точки. Истражителите кажаа дека наоѓањето на Манџоне било големо изненадување, имајќи предвид дека тој до понеделникот не бил на листата на осомничени.
Инаку, директорот на „UnitedHealthcare“, Томсон (50) беше застрелан и убиен во средата наутро пред хотелот „Хилтон“ во Менхетн, каде што требало да биде говорник на конференција. Полицијата веднаш кажа дека убиството било однапред планирано, но мотивот не беше познат. Нападот покрена голема полициска акција, а осомничениот убиец беше снимен од неколку надзорни камери.