Рано утрово е уапсен министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош. Претходно имаше информација дека полицијата врши претрес во неговата куќа.
Полицијата рано утрово упадна во неговиот дом во Загреб.„Јутарњи“ неофицијално објавува дека на мета на истражителите се и неколку високопозиционирани лекари, директори на клиники и болници.
Хрватското Биро за борба против корупцијата и организиран криминал (УСКОК) потврди дека станува збор за нивна акција.
Станува збор за набавката на дуални микроскопи за неврохирургија, кои наводно биле платени повеќе од нивната цена.
„Апсењата и спроведувањето на итни доказни дејствија се резултат на истраги кои претходно ги спроведе УСКОК. Споменатите дејствија се спроведуваат на подрачјето на Загреб и Скрадин во врска со повеќе лица, од кои едното е високо рангиран владин функционер, за кои постои основано сомнение дека сториле коруптивни кривични дела. По истрагата на осомничениот, УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување во случајот, за што навремено ќе ја информира јавноста“, соопшти УСКОК.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја назначи државната секретарка д-р Ирена Хрстиќ да раководи со Министерството за здравство до изборот на нов министер.