Еколошки организации и здруженија на локални жители поднесоа тужба против Европска комисија, поради одлуката рудникот за литиум во регионот Барозо, во северниот дел на Португалија, да биде вклучен на листата на стратешки проекти на Европската Унија, и покрај, како што наведуваат, сериозни и документирани еколошки и социјални ризици.
Тужбата е поднесена до Европски суд на правдата од страна на здружението на локални жители „Обединети во одбрана на Коваш до Барозо“ (UDCB) и меѓународната правна организација за животна средина ClientEarth, откако Брисел одбил повторно да ја разгледа својата одлука за проектот Барозо, што го развива лондонската компанија Savannah Resources.
Од организациите оценуваат дека пристапот на Комисијата „поставува опасен преседан за заштитата на животната средина, учеството на јавноста и владеењето на правото во Европската Унија“. Според нив, Европската комисија не ја исполнила својата законска обврска да ја процени одржливоста на проектот пред да му додели статус на стратешки.
Активистите тврдат дека при носењето на одлуката биле игнорирани сериозни недостатоци во проценките за влијанието врз животната средина, вклучително и можните последици по заштитените видови, водните ресурси и безбедноста на планираното складиште за рударски отпад. Дополнително, тие предупредуваат дека ваквата одлука е во спротивност со европското законодавство за заштита на животната средина и со обврската критичните суровини да се обезбедуваат преку одржливи рударски практики.
Проектот Барозо е дел од пошироката политика на ЕУ за критични суровини. Во 2025 година, Европската комисија, во рамки на Законот за критични суровини, одобри 47 стратешки проекти во рамки на Унијата и уште 13 во земји надвор од ЕУ, со цел да се намали зависноста од увоз, особено од Кина. Статусот „стратешки проект“ носи побрзи административни процедури и полесен пристап до финансиски средства.
Сепак, еколошките организации предупредуваат дека обезбедувањето пристап до литиум и други клучни минерали не смее да биде на сметка на природата и локалните заедници. „Прогласувањето на проектот за стратешки и од јавен интерес, додека се игнорираат добро документираните ризици за водата, екосистемите, здравјето на луѓето и традиционалните извори на приходи, е неприфатливо“, се наведува во нивната реакција.
Регионот Барозо, каде се наоѓа наоѓалиштето на минералот сподумен (важен извор на литиум) е препознаен по својата висока културна и еколошка вредност, а резервите се проценуваат на повеќе од 39 милиони метрички тони, што го прави најголемото вакво наоѓалиште во Европа. И покрај тоа, локалните заедници во Коваш до Барозо продолжуваат да се спротивставуваат на проектот, стравувајќи од трајно нарушување на нивниот начин на живот.
Европската комисија, од своја страна, тврди дека одговорноста за прашањата поврзани со недостиг на вода, губење на биодиверзитет и безбедноста на рударскиот отпад лежи кај националните власти, а не кај Брисел. Невладините организации, пак, сметаат дека ваквиот став ја релативизира улогата на Комисијата и ги маргинализира заедниците што директно ќе ги почувствуваат последиците.
Со тужбата, организациите бараат од Европскиот суд да ја поништи одлуката за стратешки статус и да ги разјасни обврските на Европската комисија според Законот за критични суровини, со цел да се осигури дека енергетската транзиција во ЕУ се спроведува врз основа на закон, наука и социјална правда.
