Тутунот е стратешка култура во Северна Македонија: обезбедува приходи за над 40 илјади семејства и учествува со речиси 30% од извозот во земјоделскиот сектор. Сепак, додека големите компании од тутунската индустрија остваруваат милионски приходи и профити, семејните тутунари едвај го покриваат секојдневниот живот.
Според податоците, на Економија на тутунско производство во Северна Македонија, производството на тутун во Северна Македонија бележи долгогодишен пад. Од 2010 до 2020 година, бројот на тутунари се намали на помалку од половина – од 42.622 на 19.702. Површината на обработено земјиште исто така опаѓа, а договорите за откуп се помалку. Просечната возраст на тутунарите е над 45 години, што ја открива загриженоста за иднината на оваа култура.

Просечниот месечен доход во земјоделството е 377 УСД
Тутунарите се главно средовечни мажи со основно или средно образование, кои се потпираат на приходот од тутунот за егзистенција. Околу 40% од домаќинствата добиваат 90–100% од приходот од тутун, додека субвенциите за тутун чинат околу 12,6% од нивниот вкупен приход. Просечниот месечен доход во земјоделството е под националниот просек: 377 УСД, наспроти 469 УСД за целата економија. Тутунарите имаат повисока стапка на сиромаштија отколку поранешните тутунари или оние кои никогаш не одгледувале тутун (до 30,6% според националната линија на сиромаштија).
Производство и регионален распоред
Македонија е втор најголем производител на ориентален тутун по Турција. Во 2021 година се произведени 24.329 тони тутун на 15.457 хектари, со просечен принос од 1.574 кг по хектар. Пелагонија и Југоисточниот регион доминираат со 87,9% од вкупното производство, при што Прилеп сортата сочинува 95% од производството.
Повеќе од 90% од тутунот се извезува, а домашниот пазар учествува со само 10%. Големите компании остваруваат милионски приходи: Експанда Скопје предводи со 151,9 милиони евра, Пекабеско следи со 97,1 милиони, а Филип Морис ТК Прилеп со 63,3 милиони. На врвот по профит е Филип Морис ТК Прилеп со 12,3 милиони евра, додека Експанда, иако лидер по приход, има добивка од 941.000 евра. Во топ десетте компании работат 965 лица, со најголем дел концентриран во три компании (Пекабеско, Сокотаб, Експанда).
Предизвици на тутнарите
Тутунарите се соочуваат со финансиски притисок и ризик од намалување на површината поради намалување на субвенциите при интеграцијата во ЕУ. Рамковната конвенција за контрола на тутунот и европските регулативи бараат намалување на производството, што дополнително го загрозува секторот. И покрај тоа, тутунот има стратешка важност: обезбедува егзистенција за семејства, приходи за државата и работни места во земјоделството и индустријата.
Секторот тутун во Северна Македонија е пример на контраст: додека големите компании профитираат, семејните тутунари не ретко се соочуваат со тешкотии и сиромаштија. Поддршката преку субвенции, образовани програми за земјоделците и адаптација на пазарните стратегии ќе бидат клучни за одржување на традиционалната култура и стабилноста на приходите во иднина.
Предлог аконот за заштита од пушењето во земјава директно не го засегнува земјоделското производство. Првиот закон е донесен во 1995 година и повеќепати е менуван, со забрани за пушење во јавни простории, ограничување на рекламирање и контрола на продажбата. Целта на овие мерки е намалување на потрошувачката, особено кај младите, и заштита на јавното здравје, но не влијаат врз производството, бидејќи законите не забрануваат производство или откуп на тутун.
Новите предлози за закон воведуваат целосни забрани за пушење во јавни простории, ограничување на рекламирањето и забрана на продажба „парче“ и онлајн, што ја усогласува земјата со европските стандарди и рамковната конвенција на СЗО.
