Туск: Европа има сè повеќе проблеми со Орбан

Туск рече дека сите други земји-членки ќе бараат други начини да испратат помош за Украина, но дека тоа не е лесно

Полскиот премиер Доналд Туск денес го обвини унгарскиот премиер Виктор Орбан дека користи процедурални и формални трикови за да ја блокира помошта на Европската Унија за Украина и шансата да ја запре агресијата на Русија поради „домашни проблеми“.

„Не успеавме да го убедиме премиерот Орбан и тој сè уште е решен да ја блокира помошта за Украина, користејќи одредени процедурални и формални трикови, што е многу лошо за Полска и Европа. Помошта за Украина е пред сè шанса да се запре Русија и нејзината агресија“, изјави Туск пред новинарите на враќање од Брисел од самитот на ЕУ.

Полскиот премиер рече дека сите други земји-членки ќе бараат други начини да испратат помош за Украина, но дека тоа не е лесно бидејќи ЕУ и опстанокот на Украина во голема мера зависат од изборната домашна игра на еден премиер – Виктор Орбан, и нема „план Б“.

„Европа има сè повеќе проблеми со Орбан“, рече Туск и додаде дека е задоволен барем од фактот што во заклучоците е прифатено дека во следната буџетска рамка на ЕУ треба да има дополнителни средства за регионите што граничат со Русија и Белорусија.

Како успех на Европскиот совет, полскиот премиер го наведе фактот што неговата земја, заедно со Данска, успеаја да постигнат договор дека ЕУ повеќе нема да биде отворена за бегалци како порано во врска со војната на Блискиот Исток.

„Успеавме да ја убедиме Европската комисија и другите партнери недвосмислено да кажат – грешките од 2015 година не смеат да се повторат. Значи, и како пример ги дадов нашите постапки на границата со Белорусија, дека ЕУ мора јасно и силно да ги брани своите граници од нелегалната миграција“, рече Туск.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни