Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека Соединетите Американски Држави се согласиле да распоредат свои сили во Украина како дел од безбедносните гаранции по постигнувањето на мировниот договор. Туск го кажа ова по разговорите со лидерите на клучните европски земји, канадскиот премиер, челниците на европските институции и генералниот секретар на НАТО, пишува полскиот портал RMF24.
„Мирот е на повидок“
Туск рече дека на состанокот е оценет исходот од првата фаза на многу сериозни преговори во кои учествувале лидерите на Украина, Европа, САД и Канада. Тој изрази мислење дека мирот е веќе на повидок и дека би можел да се постигне во рок од неколку недели.
Според неговите зборови, основа за таков оптимизам е изјавата на САД за подготвеност да учествуваат во безбедносните гаранции за Украина по склучувањето на мировниот договор.
Полскиот премиер истакна дека тоа би вклучувало и присуство на американски сили, на пример, на границата или долж линијата на разграничување меѓу Украина и Русија. Тој нагласи дека вакви прилично недвосмислени изјави се појавиле првпат и дека останува да се види колку ќе бидат доследни партнерите од другата страна на Атлантикот.
За потсетување, францускиот претседател Емануел Макрон најави дека почетокот на јануари во Париз ќе се одржи состанок на Коалицијата на доброволци. На тој состанок земјите планираат да ги дефинираат специфичните придонеси на секоја држава во системот на безбедносни гаранции за Украина.
