Туристички хеликоптер со три лица исчезнал во близина на планината Асо, еден од најактивните вулкани во Јапонија, откако не се вратил од краток панорамски лет, пренесува BBC.
Леталото полетало од зоолошка градина во градот Асо на десетминутен туристички лет, но не се вратило во предвиденото време. Според локалните медиуми кои се повикуваат на полициски извори, хеликоптерот полетал во 10:52 часот по локално време.
Во хеликоптерот се наоѓал 64-годишен пилот со околу 40 години летачко искуство, како и двајца патници – маж и жена од Тајван. Полициски хеликоптер околу 16 часот забележал објект кој наликува на летало во кратерот Накaдаке, еден од петте врвови на планината Асо.
Засега, властите сè уште немаат официјална потврда дали станува збор за исчезнатиот хеликоптер. Потрагата била прекината синоќа поради густата облачност над регионот, а продолжила утринава со подобрување на временските услови.
Исчезнатиот авион е модел Robinson R44 од американско производство, а тоа бил нејзин трет туристички лет во текот на денот. Според операторот на летовите, компанијата Takumi Enterprise, на претходните два лета не биле пријавени никакви проблеми. По инцидентот, компанијата донела одлука привремено да ги приземји сите свои хеликоптери.
Инаку, во 2024 година, туристички хеликоптер на истата компанија кој летал над планината Асо извршил принудно слетување, при што биле повредени три лица. Хеликоптерските тури над вулканските пејзажи на Асо се меѓу најпопуларните туристички атракции во префектурата Кумамото, на југозападот од Јапонија.
Планината Асо последен пат еруптираше во октомври 2021 година, кога исфрли висок столб чад и пепел во атмосферата.
