Турција се заканува со воена интервенција против Курдите

Вашингтон веројатно се обидува да ја држи Турција подалеку од директен конфликт со Израел, што би можело да ескалира во поширока криза

Турција предупреди дека би можела да започне воена интервенција во северен Ирак, слична на нејзините операции во Сирија, доколку курдските милитанти се приклучат на копнените борби во Иран, според турски извори. Предупредувањето првенствено се однесува на борците од Курдистанската работничка партија (ПКК) и нејзиниот ирански огранок, Курдистанската партија за слободен живот (ПЈАК), во случај да учествуваат во операции во западниот дел на Иран, наводно со поддршка на Израел.

Според извори, од почетокот на американските и израелските напади врз Иран на 28 февруари, Анкара предупредувала неколку страни за плановите за вклучување на курдските милитанти во конфликтот. Провладиниот весник „Туркие“ објави дека претседателот Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп кратко по почетокот на војната рекол дека Турција нема да прифати употреба на „терористички организации“ во нападите врз Иран.

Делегации од турското Министерство за надворешни работи и разузнавачките служби подоцна им ја пренесоа истата порака на претставниците во регионот Курдистан во Ирак: „Ќе интервенираме како што интервениравме во Сирија“, додадоа изворите.

Покрај тоа, затворениот лидер на ПКК, Абдула Оџалан, исто така го предупреди раководството на групата во ирачките планини Кандил да не наседнуваат на „израелските игри“, порака што, според изворите, ја промени динамиката во регионот.

Пофалбите на Трамп и улогата на НАТО

Аналитичарите го поврзаа цврстиот став на Анкара со неодамнешните коментари на Доналд Трамп, кој го пофали справувањето на Турција со конфликтот. „Мислам дека Турција беше одлична – тие беа навистина неверојатни и се држеа до границите што ги побаравме од нив“, рече Трамп на самитот во Мајами, додека Ердоган го опиша како „одличен лидер“.

Политичкиот аналитичар Мурат Јеткин смета дека овие изјави ја одразуваат благодарноста на САД за улогата на Турција во спречувањето на директен конфликт меѓу Израел и НАТО. Тој истакна дека НАТО пресретнал ракети што летале кон турскиот воздушен простор, ја зајакнал својата воздушна одбрана со системи „Патриот“ и ја зголемил воената координација, сигнализирајќи нова фаза во односите меѓу Турција и алијансата.

Јеткин рече дека секој напад врз Турција веројатно би предизвикал одговор на НАТО дури и пред Анкара да дејствува сама. Тој додаде дека Вашингтон веројатно се обидува да ја држи Турција подалеку од директен конфликт со Израел, што би можело да ескалира во поширока криза во која ќе биде вклучен целиот сојуз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни