Според информации на турските медиуми, владата планира приватизација на два клучни моста во Истанбул и најмалку девет автопати со патарина, со цел да се обезбедат околу 4,4 милијарди долари приходи.
Весникот Џумхуриет, повикувајќи се на Блумберг, објавува дека турските власти ја овластиле консултантската куќа „Ернст и Јанг“ да го надгледува процесот и да обезбедува советодавни услуги во врска со продажбата на управувачките права на Мостот на мачениците „15 јули“ и мостот „Фатих Султан Мехмет“.
Приватизацијата, според изворите, не се однесува само на мостовите, туку опфаќа и делови од автопатската мрежа, додека канадската BTY Group е назначена како технички консултант. Се очекува официјалниот тендерски процес да започне подоцна во текот на годинава.
Владата разгледува различни модели – од директна продажба на управувачките права до јавно-приватни партнерства, но процесот сè уште е во рана фаза и нема конечна одлука. Во моментов, мостовите и автопатите ги управува државна компанија.
Иако официјалната цел е полнење на буџетот и намалување на јавниот долг, критичарите предупредуваат дека ваквите приватизации, заедно со моделот „Изгради–Работи–Пренеси“ (BOT), отвораат простор за значителни профити на приватните компании – често на сметка на долгорочниот јавен интерес.
Процесот потсетува на обидот од 2012 година, кога конзорциум предводен од „Коч Холдинг“ понуди 5,7 милијарди долари за 25-годишно управување со околу 2.000 километри автопати и мостови.
Денес, со економски притисоци и зголемен јавен долг, истиот модел повторно е на маса – но останува прашањето дали Турција навистина влегува во „приватизација на векот“.
