Турција размислува за распоредување на борбени авиони Ф-16 на Кипар со цел да ја гарантира безбедноста на самопрогласената Турска Република Северен Кипар (ТРСК), во услови на растечки регионални тензии поврзани со конфликтот на Блискиот Исток.
Според весникот Cyprus Mail, кој се повикува на извори од турското Министерство за одбрана за Reuters, четири турски ловци Ф-16 се очекува да бидат стационирани на аеродромот Ериџан.
Овој потег доаѓа откако Грција веќе распореди четири авиони Ф-16 „Вајпер“, како и фрегатите „Кимон“ и „Псара“ во Пафос, по нападот со ирански дронови врз британската база Акротири минатата недела.
И покрај зголемените тензии на островот, Анкара не поднесе официјален протест за грчкото распоредување на сили. Наместо тоа, најавена е и посета на делегација од грчките воздухопловни сили на Турција во рамки на мерките за градење доверба меѓу двете земји.
Во меѓувреме, НАТО потврди дека иранската балистичка ракета која оваа недела беше соборена над Турција била насочена кон базата Инџирлик, а не кон Кипар.
Техеран, пак, ги негираше обвинувањата дека лансирал проектили кон турска територија.
Засиленото воено присуство на Кипар доаѓа во период на растечки безбедносни ризици во источниот Медитеран, каде повеќе земји ги засилуваат своите позиции поради ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток.