Турција планира да распореди шест борбени авиони Ф-16 во северниот дел на Кипар, јавуваат турските медиуми, повикувајќи се на информации од локални власти во самопрогласената Турска Република Северен Кипар.
Според телевизијата NTV, авиони Ф-16 денес треба да бидат преместени на северот од островот со цел зајакнување на безбедноста и одбранбените капацитети во регионот.
Информацијата ја потврдил и претставник од цивилното воздухопловство во Северен Кипар, кој посочил дека распоредувањето на авионите е превентивна мерка во услови на зголемени безбедносни ризици.
Тензиите во регионот се зголемија откако минатата недела дрон ја погоди британската воена база Акротири на Кипар, во период кога конфликтот меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга продолжува да ескалира.
Извор од турското Министерство за одбрана претходно изјави дека Анкара ја разгледува можноста за распоредување борбени авиони на островот, како дел од пошироки мерки за засилување на безбедноста.