Турбуленциите стануваат сѐ полоши: зошто небото е понемирно и што нѐ очекува во иднина?

Оние што ги негираат климатските промени можеби постојано замижуваат, но нивните последици сѐ почесто излегуваат на површина.

Една од нив се и сѐ поизразените турбуленции при летовите, и тоа не се темели само на субјективното чувство на патниците, иако и тие искуства се повеќе од релевантни. Што покажуваат научните податоци, што нѐ чека во иднина и кои авионски рути се најризични?

Истражувањата покажуваат дека турбуленциите се влошуваат и по зачестеност и по интензитет, а овој тренд во голема мера се поврзува со климатските промени. Научниците потврдија дека небото над најпрометните авионски коридори, особено над Северниот Атлантик и САД, е значително „понерамно“ отколку пред неколку децении.

Најрелевантната студија до денес, објавена во 2023 година под наслов „Докази за големо зголемување на турбуленцијата во чист воздух во текот на последните четири децении“, открива дека вкупното годишно траење на силни турбуленции во чист воздух над Северниот Атлантик се зголемило за 55 проценти во периодот меѓу 1979 и 2020 година. Над континенталниот дел на САД, бројот на опасни инциденти пораснал за 41 процент. Истражувањето, потпишано од Марк Просер, Пол Вилијамс, Греам Марлтон и Џајлс Харисон, е објавено во реномираното списание Geophysical Research Letters и предупредува дека, доколку продолжат сегашните трендови на глобално затоплување, количината на силни турбуленции би можела да се удвои или дури утрои во наредните децении.

Климатските промени како главен двигател

Примарниот причинител се климатските промени, што го потврдува и анализата на 40 години атмосферски податоци, која покажува значителни зголемувања на турбуленцијата долж летните рути над САД и Северниот Атлантик во согласност со ефектите од глобалното затоплување.

Причината зошто климатските промени директно влијаат врз појавата на турбуленции, според студијата, е тоа што потоплиот воздух, како последица од зголемените емисии на јаглерод-диоксид, го засилува смолкнувањето на ветерот во млазните струи. Гасовите со ефект на стаклена градина ја задржуваат топлината во пониските слоеви на атмосферата, додека во повисоките слоеви излегува помалку топлина, што ги прави постудени. Резултатот се поголеми температурни разлики, поинтензивно смолкнување на ветерот и почеста појава на турбуленција во чист воздух, невидлив тип на турбуленција кој не може да се детектира со авионски радар и често се појавува ненадејно, дури и при ведро небо. Токму таа носи зголемен ризик од повреди за патниците и екипажот кои не се врзани.

Проекциите дека силните турбуленции би можеле да се удвојат или утројат доаѓаат и од претходно истражување предводено од професорот Пол Вилијамс, кое користеше климатско моделирање за да ги предвиди идните трендови во сценарио со високи емисии. Според тие модели, турбуленцијата доволно силна за да предизвика повреди би можела глобално да се удвои, па дури и утрои до крајот на векот.

Алармантни прогнози и конкретни бројки

Уште во 2017 година, списанието Time пренесе наоди од Geophysical Research Letters според кои глобалното затоплување ќе доведе до посилни турбуленции поради зголемена нестабилност на ветерот на големи височини. Според тие проценки, меѓу 2050 и 2080 година, на висина од околу 11.500 метри, силните турбуленции би се зголемиле за 181 процент над Северниот Атлантик, 161 процент над Европа, 113 проценти над Северна Америка, 92 проценти над Северниот Пацифик, 64 проценти над Азија, 62 проценти над Јужна Америка, 53 проценти над Австралија и 51 процент над Африка.

Сликовито кажано, оние што и досега имале сериозен страв од летање, во иднина можеби ќе размислуваат да се префрлат на автомобил или брод.

Универзитетот во Рединг и економската цена

Истражувачи од Универзитетот во Рединг во Велика Британија во 2023 година повторно ја анализираа турбуленцијата во чист воздух и утврдија дека таа пораснала за 55 проценти меѓу 1979 и 2020 година на една од најпрометните северноатлантски рути. Зголемувањето го поврзаа со промените во брзината на ветерот на големи височини поради потоплиот воздух како резултат на јаглеродните емисии. Најголем пораст е забележан на летните рути над САД и Северниот Атлантик, но значително зголемување има и над Европа, Блискиот Исток и Јужниот Атлантик.

Со турбуленциите доаѓаат и значителни финансиски трошоци. Авио-индустријата во САД губи меѓу 150 и 500 милиони долари годишно поради нивните ефекти. Дополнителен парадокс е што обидите на пилотите да ги избегнат турбулентните зони значат и поголема потрошувачка на гориво, што дополнително ги засилува климатските промени.

Се проценува дека турбуленцијата ја чини воздухопловната индустрија најмалку 200 милиони долари годишно само во САД, според податоци објавени уште во 2003 година. Трошоците произлегуваат од дополнителниот замор на трупот на авионот, повремените оштетувања, но и од повредите на патниците и екипажот, од кои некои бараат скапо болничко лекување. Умерени до екстремни турбуленции се случуваат десетици илјади пати годишно ширум светот, а во тешки случаи можат да предизвикаат структурни оштетувања, привремен губиток на контрола и сериозни повреди. Само во САД, меѓу 2009 и 2024 година, се регистрирани повеќе од 200 сериозни повреди поврзани со турбуленции.

Бурно лето 2025

Иако е тешко да се направат прецизни споредби за секое лето, месеците од 2025 година беа во согласност со трендот на зголемени турбуленции забележан во последните години. Сѐ почести и поинтензивни се токму турбуленциите во чист воздух.

Авион „Ербас А330-900“ на лет од Солт Лејк Сити кон Амстердам наиде на силни турбуленции над Северниот Атлантик и мораше итно да се пренасочи кон Минеаполис. Во ненадејното и силно движење на воздухот беа повредени 25 лица, од кои многумина членови на кабинскиот екипаж. Друг лет, од Мајами кон Рали-Дарам, резултираше со пет повредени, додека авион на линија Берлин–Милано беше принуден да слета во Меминген поради силни турбуленции над јужна Германија – со девет повредени. Минатата година, 73-годишен маж почина од срцев удар за време на силни турбуленции на лет од Лондон кон Сингапур. Ваквите примери, за жал, не се реткост.

Најтурбулентните рути

Веб-страницата за прогнозирање турбуленции „Турбли“ анализираше повеќе од 10.000 летни траектории и ги рангираше најтурбулентните рути во светот. Целта беше да се покаже дека, иако турбуленцијата изгледа хаотично, таа следи одредени обрасци.

Најголем дел од најнепријатните летови се наоѓаат во Јужна Америка и Азија, а меѓу најтурбулентните е и рутата меѓу јапонските градови Наторија и Токонеме, каде што студениот воздух од Сибир се судира со топлиот воздух од Пацификот. Повеќето од десетте најтурбулентни рути во светот минуваат над планински венци, како Андите и Хималаите. Планините и бурите делуваат како пречки во струењето на воздухот, создавајќи силни турбуленции.

Во САД, најнеровните воздушни патеки се оние што минуваат над Карпестите Планини, кон и од Денвер и Солт Лејк Сити. Слична е ситуацијата и во Европа, каде што многу турбулентни линии минуваат над Алпите, меѓу Франција, Италија и Швајцарија.

Безбедно, но понемирно небо

И покрај сѐ почестите турбуленции, летањето и понатаму останува еден од најбезбедните начини на транспорт. Современите авиони се проектирани да издржат и најтешки услови. Повеќето повреди се случуваат кога патниците или екипажот не се врзани со сигурносни појаси, а смртните случаи се исклучително ретки. Воедно, нашето разбирање и можностите за предвидување на турбуленциите се подобруваат, денес е можно да се предвидат околу 75 проценти од нив.

Добрата вест завршува тука. Лошата е дека турбуленциите ќе продолжат да се засилуваат, поттикнати од глобалното затоплување и човековото влијание, при што и самата авио-индустрија е значаен загадувач. Таму каде што досега речиси и да не се чувствувале, ќе се појават нови воздушни струи, а рутите кои и денес се проблематични, со текот на времето би можеле да станат вистински ризик.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни