Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини ќе биде изведена на 13 октомври во 20 часот во Националната опера и балет. Спектакуларната продукција на епската бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, повторно на сцената на Националната опера и балет. Македонската публика повеќе од десет години неуморно го исполнува гледалиштето при секоја најава на овој наслов.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор: Верица Ламбевска, Хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
Настапува врвна домашна солистичка екипа: Весна Ѓиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).