Според Мехмет Нури Ерсој, министер за култура и туризам, Турција угостила 8.844.000 посетители во првите три месеци од оваа година и остварила рекордни 9,5 милијарди долари приходи од туризам.
„Во периодот од 1 јануари до 31 март 2025 година, Турција постигна најдобар резултат досега забележан во првиот квартал. Според податоците на ОН за туризам, во 2024 година, Турција беше четвртиот најголем туристички пазар во светот. Првично, имавме за цел да бидеме домаќини на 60 милиони меѓународни посетители во 2024 година, но ја завршивме годината со рекордни 62,2 милиони“, истакна Ерсој.

Како што објасни тој, целта за 2025 година е земјата да биде домаќин на 65 милиони посетители и да генерира 64 милијарди долари приходи од туризам.
„Нашите очекувања за април, како и за наредните месеци, а имајќи предвид дека во првите три месеци од оваа година забележавме зголемување на приходите од 5,6 проценти, сведочат за фактот дека сме на вистинскиот пат да ги постигнеме посакуваните цели“, изјави министерот за култура и туризам на Турција, Мехмет Нури Ерсој.

Податоците покажуваат дека во првите три месеци од оваа година, Турција ја посетиле: 733.000 Иранци, 601.000 Руси, 572.000 Германци, 560.000 Бугари и 304.000 Британци. Овие посетители престојувале во Турција во просек 11 ноќевања и потрошиле околу 98,90 американски долари по ноќ.